Берлинскиот процес секогаш е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото, и се надеваме дека овој процес ќе продолжи. За регионот она што морам да го кажам е дека мора да се согласувате едни со други. Не заборавајте, затоа што тоа е многу важно, порача германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов по Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Софија.
-Овој самит, што се организра од две држави од кои едната е земја-членка а другата кандидат, се одвива под отежнати околности и добро е што ни покажавте дека можете да ја одржите конферецијата и во овие тешки услови и можам да го претпоставам напредокот што го постигнавте, оцени Меркел.
Посочи дека формирањето на заедничкиот пазар е важна одредница како порака за нашите економии и воведувањето на четирите слободи ќе даде еден импулс како за граѓаните, така и за компаниите.
-Сакам да ви честитам и за тоа што се согласивте околу зелената агенда и тоа покажува дека сите ние сме заинтересирани да изградиме економија што е способна да овозможи премин кон економија без јаглерод диоксид и унапредување на агендата, и климатските промени, како и Ковид-19, остануваат крупен предизвик што ќе биде важен за земјите од Западен Балкан, рече Меркел.
Истакна и дека Младинската конференција РИКО, воспоставена во рамки на Берлинскиот процес, овозможила да се сретнат млади од Балканот и изрази задоволство што тие ги вклучуваат и учениците и училиштата. Во тој контекст ги повика сите земји од Западен Балкан да ја унапредат соработката и во науката, затоа што, како што рече, тоа е најдобар начин да се промовира истражувањето и развојот на иновациите.
-Сакам да ве поканам по оваа средба во Софија, сите да дојдете во Берлин следната година се надевам ќе биде можен овој состанок следната година в лето, и уште еднаш ќе согледаме до каде сме стигнале со Берлинскиот процес, заклучи германската канцеларка Меркел.