Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, во вечерашната „Топ тема“ на Телма откри дел од мерките и препораките на Владата за намалување на расходите на буџетските корисници, од кои повеќето досега не беа обелоденети во јавноста.
Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата, која единствено беше соопштена јавно, документот содржи уште неколку точки, меѓу кои и намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во Агенцијата за национална безбедност, во Агенцијата за разузнување, откри Деаноски.
Според Дановски, Владата планира и државната администрација да работи од дома, со ротации. За синдикалците, најспорен е предлогот и, според нив, намерите на Владата да бидат суспендирани или укинати колективните договори со кои се регулираат правата на работниците во одредени сектори.
Синдикалците и од јавниот и од приватниот сектор предупредија дека сите заеднички ќе се спротивстават на каков било обид од страна на Владата да ги укине или суспЗендира колективните договори.
Денешната седница на Економско-социјалниот совет, прва по шест месеци, била прекината, откако според синдикалците, тие не успеале да ги убедат владините претставници да ги стават на дневен ред точките со нивните барања.
– Со дневен ред од пет точки, меѓу кои ги немаше барањата на синдикатите од изминатиот период, мина денешната седница на Економско-социјалниот совет која на крајот беше прекината, без конкретни мерки како што беше најавувано, рече Деаноски.
Шест месеци, посочи Деаноски, немаше седница на Економско-социјалниот совет, во време на најголема финансиска криза во државата, во време на најголема инфлација.
-Нема методологија на плати која беше помпезно најавувана и сè уште се најавува, нема за фискални импликации, нема за потпишување на нови колективни договори. Меѓу точките на дневниот ред немаше ниту едно од нашите барања од изминатиот период, изјави Деаноски.
Од Министерството за труд и социјална политика претходно преку соопштение информираа дека во фокусот на седницата биле антикризните мерки на Владата.
-На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата, наведе МТСП во соопштение.
Социјалните партнери, според соопштението, разговарале за даночната реформа, годишниот Извештај за работата и функционирањето на Економско-социјалниот совет за 2021 година, иницијатива за ратификација на три конвенции на МОТ за БЗР во три сектори – рударство К176, градежништво К167 и земјоделство К184 и барањето за надминување на последиците предизвикани од високите сметки за електрична енергија во компаниите.
Со оглед на актуелните состојби во државата, претседателката на ЕСС и министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на членовите на Советот им изразила уверување дека седниците на ЕСС во периодот кој доаѓа ќе се реализираат зачестено.