Мерките што од понеделник стапуваат во сила во Грција, кои пред сè се за невакцнираните, освен за Грците, ќе важат и за посетителите на земјата, потврди портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Новите мерки кои кон крајот на минатиот месец ги соопшти претходниот министер за здравство на Грција Василис Кикиљас и ќе важат до 31 март следната година, се однесуваат на затворените простори на уготителските објекти, на патувањата низ Грција, на посетите на музеи и археолошки локалитети, а посебни правила ќе има и за невакцинираните вработени во државниот и приватниот сектор.
Поконкретно, како што веќе објави МИА, влезот во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале Ковид-19.
За театрите, музеите, археолошките локалитети, како и за фитнес центрите, влез е дозволен за вакцинирани, за оние кои ја прележале болеста, но и за оние кои имаат негативен тест направен 48 часа претходно.
Од понеделник, промени ќе има и за патувањата низ Грција, без разлика дали е со автобус, воз, брод или авион кон сите дестинации во земјата.
Невакцинираните, ќе треба, 48 часа пред патувањето да направат брз рапид тест што ќе чини десет евра.
Меѓу останатите мерки што на 13 септември стапуваат во сила се и задолжителниот рапид тест за невакцинираните вработени во приватниот и јавниот сектор, кои ќе треба еднаш седмично да се тестираат, исклучиво во приватните дијагностички центри.
Тестот ќе биде десет евра, а невакцинираните сами ќе си ги покриваат трошоците.
За невакцинираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите задолжени се два тестови седмично, кои исто така ќе ги чинат по десет евра од тест и ќе бидат на сопствен трошок.
За учениците, задолжителни се два селф теста седмично, кои ќе бидат бесплатни.
Во државните дијагностички центри, тестовите ќе бидат бесплатни само за вакцинираните или за лицата со симптоми. За невакцинираните, за онаму каде што ќе им бидат потребни негативни рапид тестови, ќе треба на свој трошок да се тестираат.
Документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен ПЦР/рапид тест и понатаму е задолжителен предуслов за влез во Грција, што важи и за туристите од Северна Македонија, согласно последната министерска одлука што е во сила до утре наутро.