Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во синоќешното гостување во ТВ 24, изјави дека градоначалник не личи да се вози со стар костум и во слаба кола и додаде дека требало да купи уште појака и поскапа од „аудито“ кое чини околу 70.000 евра.
Додека се презентираше снимката од „аудито“ мерко гласно коментираше:
– Погледнете колку е убаво, се смешкаше Мерко.
На прашањето зошто не ги користи „шкодите“ што ги набави Општина Струга, кои чинеле 20-тина илјади евра, тој одговори дека „шкодата“ не е возило за него.
– Не е срамота градоначалник да седи по патишта? „Шкодата“ ќе оди со помала брзина. Јас увидов и се изгласа на Совет да земеме таква кола и тука нема проблем. За каков градоначалник ви се чинам јас? Да одам со фиќо? Во 2005 кога бев градоначалник користев „опел вектра“ од Општина Луково. Во 2006 дојде во посета на Струга тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ. Имаше делегации во возила како „ауди“ и „мерцедеси“, а јас со „опел вектра“. Не вреди градоначалник со скинати алишта и слаба кола. Не сум пишман за колата што ја купив, може требаше да земам уште поубаво возило, рече Мерко.
Владата на крајот на ланската година покри 50 милиони евра долгови на презадолжените општини. Општина Струга до лани прикажа долг од околу 4,5 милиони евра.
Парадоксот во Македонија е тоа што не само Мерко, туку и многу други градоначалници, државни функционери и службеници, со пари од граѓаните купија скапи автомобили.
И апсурдот да биде уште поголем, тоа се случува во време кога судовите во Македонија на поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и други лица им изрекуваат затворски казни поради тоа што набавиле блиндиран „мерцедес“, кој сегашната власт обилно го експлоатира.