Фудбалерот на ПСЖ, Лионел Меси уште еднаш се осврна на свирежите од навивачите на парискиот клуб по елиминацијата од Лигата на шампионите.
Да потсетиме, 34-годишниот Аргентинец беше исвиркан за време на натпреварот од 28. коло на Лига 1 со Бордо (3:0).
– Во Барселона не наидов на ова. ПСЖ испадна од Лигата на шампионите и разбирлив е гневот на навивачите. Затоа што не ни се случува првпат ваква ситуација. Мене и Нејмар тоа најмногу не погоди. Но, она што се случи, се случи, изјави Меси за „TyC Sports“.
ПСЖ испадна во Лигата на шампионите во 1/8 финалната фаза, губејќи од Реал Мадрид. Во исто време, парискиот клуб ја освои Лига 1.
Минатата сезона Меси на 34 натпревари за парижаните постигна 11 голови и имаше 14 асистенции. Неговиот договор со клубот е до 30 јуни 2023 година.