Албанскиот претседател, Илир Мета,гостувајќи во емисија на ТВ Клан обвини дека државата е заложник на банда, контролирана од Сорос и оти народот мора еднаш и засекогаш да ја земе судбината во свои раце.
-Еди Рама се претвори во непријател на албанскиот народ. Мојата задача е да се залагам за Уставот и политичкиот плурализам. Рама е тој што ги протера младите од земјата, тој кој им наредува на армиските генерали да не доаѓаат кај претседателот, значи дека државата е заложник на банда контролирана од Сорос. Време е народот да ја земе судбината во свои раце, рече Мета.
Додаде дека „25 април е првата битка што започнува да го обновува уставниот поредок во Албанија“.
-Денот на парламентарните избори, 25 април е референдум. Луѓето ќе гласаат дали да одат во Европа или да одат во бездна. Мојата главна цел е да ја вратам Албанија на Албанците преку воспоставување референдуми, за да Уставот на Албанија повеќе не се доведува во прашање од две партии, како во 2008 година. Референдум на 25 април и по овој ќе има и други референдуми,рече Мета.
Тој одговори и на прашањето дали ќе биде лидер на опозицијата,за што редовно го обвинува премиерот Еди Рама.
-Јас денес сум лидер на Албанија. Оваа задача денес ми припаѓа мене. Јас сум лидер на Албанија и воопшто не ме интересираат партии,одговори Мета.
Во врска со гласањето во Собранието, каде беше отфрлена неговата уредба за измените во изборниот законик, Мета рече дека тоа го блокира патот на Албанија кон евроинтеграциите.