Успешноста на дијалогот Косово-Србија ќе придонесе за европската иднина на двете земји и за консолидација на соживотот и мирот во регионот, оцени денеска албанскиот претседател Илир Мета по средбата со лидерот на косовското опозициско Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти, кој престојува во Тирана.
– Ми беше посебно задоволство да остварам средба со лидерот на Самоопределување, Албин Курти. Јакнењето на соработката меѓу нашите две земји во заеднички интерес и зајакнување на европската перспектива, не само на Албанија и Косово, туку и на целиот наш регион, беше главна тема (на разговорите). Во таа насока, ја истакнав важноста на косовско-српскиот дијалог што е во служба на европската иднина на двете земји и консолдацијата на соживотот и мирот во регионот, напиша Мета на Фејсбук.
Мета наведува и дека Самоопределување треба да одигрува важна улога во зајакнувањето на државата Косово и во постигнувањето целосен консензус за успешен и стабилен дијалог со Србија.