Во рамки на официјалната посета на Унгарија, албанскиот претседател, Илир Мета остварил средба и со премиерот Виктор Орбан.
Како што информираа од неговиот кабинет, Мета изразил благодарност до премиерот Орбан за значајната и безрезервна поддршка што и ја дава на Албанија за отворање на преговорите за членство со Европската унија.
„Откако високо ја оцени заложбата на Владата на премиерот Орбан за унапредување и понатамошно продлабочување на економските и трговските односи меѓу двете земји, Мета ја истакна подготвеноста и волјата на албанската страна да се подигнат на исто, одлично ниво, како што се политичките односи меѓу двете земји“, се наведува во соопштението од кабинетот на Мета.
Во тој контекст, албанскиот претседател, откако истакнал дека по отворањето на Унгарската стопанска комора во Тирана, економската соработка и туристичкиот проток се зголемиле, додал дека е потребно да се продолжат летовите преку директна авионска линија меѓу двата главни града.
Двајцата соговирници нагласиле дека следната година двете земји ќе ја прослават 100-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со уште позначајни резултати.
„Премиерот Орбан, изразувајќи подготвеност да ги охрабри и зголеми унгарските инвестиции во сите области каде што има интерес од Албанија, го увери претседателот Мета во континуираната и непоколеблива поддршка на неговата Влада за Албанија и Албанците, со цел дополнително зајакнување на историското и традиционално пријателство меѓу двата народа, се наведува во соопштението.
Шефот на албанската држава вчера со сите почести беше пречекан од неговиот унгарски колега Јанош Адер, кому на средбата му изразил благодарност за континуираната поддршка што Унгарија и ја дава на Албанија во рамките на интегративните процеси во НАТО и Европската унија.