Албанскиот претседател Илир Мета предложи одржување предвремени парламентарни и претседателски избори во Албанија, со цел надминување на политичката криза во земјата, и тоа на 13 октомври за кога со уредба ги одложи локалните избори.
– На 13 октомври и предвремени парламентарни и претседателски избори. Јас ќе се кандидирам за претседател со овие надлежности. Еди Рама и социјалистичкиот Парламент кои не ме сакаат нека предложат кандидат кого сакаат. Ова е патот што ја решава оваа, за жал страшна криза, изјави Мета на прес-конференција.
Тој додаде дека никогаш не побарал од Рама да ја напушти премиерската фотелја, туку дека секогаш бил посветен да се најде решение за кризата, бидејќи, како што рече, нема отворање на преговори за членство на земјата во ЕУ без учество на опозицијата на избори.
Мета посочи дека предлогот за предвремени избори е негова идеја, но доколку Рама има друг предлог за излез од кризата тој е добредојден јавно да го објави.
– Не ме интересира кој ќе победи, Баша или Рама, но не сакам Албанија да биде губитник поради играта на политичарите и амбасадорите, нагласи Мета.
На прес-конференцијата тој најави и дека ќе ги објави пораките со кои му се заканувал премиерот Рама.