Албанскиот претседател Илир Мета, гостувајќи во емисијата „Опен“ на Топ чанел, даде изјава, велејќи дека во „војната“ со владата е подготвен за какво било можно сценарио.

Додаде дека е подготвен да даде соодветен одговор и предупреди дека никој не може да го разреши без да му заврши мандатот.

-Подготвен сум за секакво сценарио. Дури и со тенкови да дојдат во претседателската резденција, ќе добијат најсоодветен одговор. Пред да ме разрешат јас ќе ги разрешам со албанскиот народ. Јасно кажувам, подготвен сум за секое сценарио. Тие нека продолжат понатаму а јас ќе им дадам соодветен одговор,предупреди Мета.

Категорично посочи дека ќе го брани Уставот до крај.

– Јас ќе го бранам Уставот на Албанија до крај со моите јасни убедувања. Тие се разрешени. Се плашат од избори. Донесуваат закони над закони бидејќи се плашат. Се плашат од народот и медиумите. Тие донесуваат закони за да ви го одземат вашиот збор,обвини Мета.

Деновиве Мета во интервју за Еуроњуз Албанија, рече дека ќе продолжи да биде претседател на државата сè до завршување на неговиот мандат на 24 јули 2022 година.

Ова во врска со иницијативата во парламентот за негово разрешување и барањето мислење од Венецијанската комисија околу неговата уредба за одложување на локалните избори на 30 јуни 2019 година,со која според владејачкото мнозинство го прекршил Уставот.

-Не во Венеција, туку во НАТО нека бараат толкување и мислење. Оваа работа е завршена. Јас ќе бидам на функцијата до 24 јули 2022 година, изјави Мета.

Додаде дека се заколнал пред албанските граѓани да го заштитува Уставот и оти ќе се соочи со секој кој ќе го прекрши истиот.