Велика Британија денеска би можела да го има најтоплиот ден во историјата, бидејќи се очекува температурите да достигнат до 41 Целзиусов степен.
Метеоролошката служба издаде црвено предупредување за високи температури во многу делови на Англија – од Јорк и Манчестер до Лондон и југоисточниот дел на државата, јави Би-Би-Си.
Највисоката температура некогаш забележана во Британија била 38,7 степени Целзиусови – во Ботаничката градина на Универзитетот во Кембриџ на 25 јули 2019 година.
Високи температури се предвидуваат и за остатокот од земјата, а Лондон денес би можел да биде едно од најтоплите места во светот, со температури повисоки од оние во Западна Сахара и Карибите. Се предвидува дека градот ќе биде потопол од Далија во Западна Сахара (24 степени), Насау на Бахамите (32 степени), Кингстон на Јамајка (33 степени), Малага во Шпанија (28 степени) и Атина во Грција (35 степени), јави Би-Би-Си.
Според најавите на метеоролозите утре ќе биде уште потопло, со температури што веројатно ќе достигнат 40 степени – нов рекорд за земјата.
Некои училишта во неколку региони потврдија дека ќе бидат затворени денеска и утре, додека железничките компании ги повикаа луѓето да не патуваат овие два дена.
Ќе биде затворена главната железничка линија на источниот брег меѓу пладне и 20 часот утре за сите локации меѓу Лондон Кингс Крос и Јорк и Лидс, при што патниците се предупредени да не патуваат.
– Затворањето на линијата за сообраќај е секогаш последна опција, но, тоа е вистинската работа за да се заштитат луѓето во вторник, со оглед на невидената прогноза за топлотен бран. Прогнозираните температури се многу над оние за кои е дизајнирана нашата инфраструктура и безбедноста мора да биде на прво место, нагласи Сем Мекдугал, оперативен директор на Network Rail.
Воведена е дополнителна поддршка за службите за брза помош.
Британците се повикани да останат во своите домови за време на најжешкиот период, меѓу 11 и 16 часот, да носат крема за сончање, капа, да останат во сенка и да пијат вода.
Националната метеоролошка агенција за првпат во историјата објави црвен код за екстремни горештини со предупредување дека постои „опасност за животот“.