За време на познатиот “режим” на телевизија и по другите медиуми владееше една алатка, нејзиното височество лопата.

Лопатата знае да биде и малку бизарна алатка, затоа што со лопата се погребуваат мртвите. Но тоа не беше случај во гореспоменатиот “режим” туку лопатата ја имаше онаа добрата улога, или нејзината намена беше, за да гради и да започнува проекти кои ден денес во голем број се завршени. Па така на телевизија (во повеќе наврати иако е клише, денес овие слики ми фалат) се фрлаа лопати за автопати, странски инвестиции, фабрики, водоводи, локални и регионални патишта и што ли уште не. Лопатите беа придружувани од една друга алатка, која се вика ножица и која служеше како опозит на лопатата или за сечење црвена лента за завршен, изграден и пуштен во употреба проект.

Кога ќе подразмислам еден поранешен министер си ги чуваше ваквите драгоцени лопати како украси во својата канцеларија. Денес во оваа слободна земја, едно „опШесВо“ за сите, сè помалку гледаме лопати за започнување на проекти а ножички имаме видено една или две на веќе готови проекти започнати во “мрачните времиња”. Eдна или две ножички се ставени во карантин за пуштање на веќе готови проекти, чисто да се заборави кој точно ги почнал па подоцна да се пуштат.

Оваа благородна алатка, лопатата, денес на големо се заменува со метла. Еден од “изметените” му подарува метла на метларот, еден фин дечко од струмичко Муртино, демек да ја заметел работата. Оти народот кој веќе две и пол години им кажува дека има ѓубре, не успеа да ги убеди се додека не им влепи жежок шамар и им ги симна розевите наочари од кои беа спречени да го видат ѓубрето. И оп, инстант имаме ѓубре па дај да го заметиме. Нејсе и метлата би завршила некаде работа ама мислам дека горенаведената подарена метла воопшто нема да ја заврши својата работа, па останува прашањето дали истата воопшто ќе биде употребена.

Како што прави оваа власт сигурно ѓубрето ќе биде пикнато под некој дебел скап персијанец и таму ќе чека некои други подобри времиња. Освен пикање под тепих можно е и да бидеме убедувани дека ѓубре нема и дека тоа шо го гледаме е некоја непозната материја која ни е потребна за евроатлантски интеграции или за соживот. И трета опција е народецов на 5 мај да ја земе метлата во свои раце и онака ударнички да го исчисти целото ѓубре што е наталожено овие 2.5 години.
Д.М.