Министерката за финансии во заминување Нина Ангеловска најостро ги демантира вестите дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка, по добиена информација дека банката ќе ја изгуби лиценцата за работење, соопшти денеска Министерството за финансии.

– Сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот  лист и ги охрабруваме новинарите-истражувачи да ги погледнат датумите на пријавените промени. Потенцираме – промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка.Во повеќе наврати беа пласирани лажни вести во обид да го нарушат угледот и репутацијата на министерката за финансии. Очекуваме дека медиумите кои се информатор на граѓаните и кои носат одговорност во вакви ситуации кога пласирале непроверена и неточна информација ќе делуваат навремено и истата ќе ја повлечат, а воедно ги охрабруваме слободно да ги проверат информациите од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), се вели во соопштението од Министерството за финансии.