Сања РИСТОВСКА, дописник на МИА од Грција

-Го нарекуваат островот на Апокалипсата, бидејќи во пештера на тогаш ненаселениот остров, пред 1.930 години, се верува дека апостол Јован Богослов, каде што бил прогонет, го чул Божјиот глас и го напишал Откровението; го нарекуваат и свет остров, еден од најсветите во Христијанството, но и остров на спокојот, од кој си заминуваш со посебна енергија – Патмос е дестинација за поклоници, но и туристи од целиот свет, без разлика на религијата.

Дописничката на МИА од Атина го посети малиот остров што се простира на само 34 километри квадратни, но и на толку мала површина успева да собере толку многу духовен мир и спокој што можеби го нема на никој друг грчки остров, место со најголем број манастири и цркви пропорционално со големината и популацијата, а мештаните велат дека со сето она што го има Патмос – религиозната енергија, архитектурата, морето, карпите, природата – островот нуди внатрешно прочистување и смирување.

Светата пештера на Откровението, заедно со манастирот изграден во чест на Свети Јован Богослов и малиот град Хора се дел од светското наследство на УНЕСКО веќе 26 години, женските манастири, чудотворната икона на Пресвет Богородица Елеуса (Милостива) со појавеното трето око, верувањата за аскетите, ветерниците, архитектурата, уличната структура и верски обичаи, речиси непроменети од 12 век до денес, во комбинација и со плажите, го прават Патмос примамлив за секаков вид туризам, а особено е популарен по религиозниот.

Најстариот женски манастир на островот

Само неколку метри под машкиот манастир изграден во 1088 година во чест на Св. Јован Богослов, се наоѓа и Животодавен Извор (Зоодохос Пигис), најстариот женски манастир на островот што постои над 400 години, но е познат и по чудото со иконата на Богородица, која исчезнала и по три дена „се вратила“, а Богородица имала и трето око, веднаш над десното.

Манастирот е сместен низ тесните улички во Хора, каде што нè пречекува сестра Гликерија на закажаната средба и во разговор со дописничката на МИА од Атина, ја раскажува историјата на манастирот основан нешто повеќе од 500 години по отворањето на машкиот манастир.

– Овој манастир овде е првиот женски манастир на Патмос, изграден во 1607 година од еден господин Панајотис Пангостас кој прво беше капетан, се занимаваше со трговија и се збогати, но парите не го исполнуваа. По потекло од Патмос, се врати на неговиот остров и стана монах во манастирот на Свети Јован Богослов. Тогаш кога живееше, пред 400 години беше времето на отоманското владеење. Многу тежок период за сите, раскажува сестра Гликерија.

Откако се замонашил, Пангостас го добил името Партениос, а подоцна станал и игумен, со што и бил задолжен да се грижи за целиот остров, бидејќи, како што вели монахињата, „на Патмос, игуменот е и патријаршиски егзархат“.

Парите што ги имал заработено и имотот наследен од родителите, биле доволни за да го изгради манастирот, што е во непосредна близина на неговата куќа, во внатрешноста на населеното место, а не на оддалечена, изолирана локација, како што е најчесто случај со манастирите.

– Го изгради овој манастир во кој сите икони се од почетокот на 17 век, а манастирот беше радост и утеха за жителите на Патмос. Не само поради литургиите и можноста за поклонение, туку и затоа што Партенос беше од Патмос, ги знаеше проблемите и сакаше монахињите, пред сè да го сакаат Господ, а второ да им помагаат на страдалниците, вели сестра Гликерија.

Објаснува дека поради сушата на островот, луѓето главно се занимавале со работи поврзани со морето, кое во тоа време било опасно и поради нападите од пиратите, па затоа на Патмос имало и многу вдовици со деца на кои монахињите се труделе да им помогнат на секаков можен начин.

– Затоа радост и утеха за жителите на Патмос беше овој манастир. Но, не и за Турците. Турците гледајќи го манастирот како тврдина, мислеа дека е замок во кој се подготвува востание. Во 1629 година го фатија основачот на манастирот, го однесоа во Цариград, наводно на сослушување, но по страшни и брутална тортура страдаше, раскажува монахињата.

Пред влезот на црквата во манастирот е и неговиот гроб, а во самата црква има реликвијар со две коски за поклонение.

Чудотворната икона на Пресвета Богородица

Сестра Гликерија раскажува и за двете чуда со иконата на Богородица Милостива (Елеуса), огромна икона од 1763 година, насликана од иконописец од Крит, што се наоѓа пред влезот на црквата.

– По речиси 200 години, во 1955 иконата исчезна. Недела, за време на свечена литургија, црквата полна со луѓе, од нив некои уште се живи. Иконата ја снема и остана само бел ѕид. Нашиот егзарх кој е стар, над 80 години, го памети тоа што се случи и вели дека се рашири страв низ Патмос, раскажува сестра Гликерија.

Додава дека сите на островот се прашувале каде е иконата и каде ја снема по 200 години, иако посочува дека не е неверојатно иконите да исчезнуваат од црквите.

– Три дена и три ноќи се молеа и потоа се врати. Иконата на Богородица се врати, но со мала разлика. Сега на иконата има уште едно, трето око, меѓу десното око и веѓата на Богородица има трето око. Ова е уникатно. Се случувало и во други цркви да ги снемува иконите, но на нив не се појавувало нешто, објаснува монахињата.

Во однос на тоа што се случило и што значи третото око, вели дека тоа е прашање на вербата, тешко се изразува со зборови, но верниците, длабоко во душата, сами го чувствуваат значењето.

Сестра Гликерија продолжува со раскажувањето, објаснувајќи дека оваа икона има и уште едно чудо.

-Каде и да се наоѓате, од каде и да ја гледате, Богородица ве гледа во очи. Како мајка која го гледа своето дете и внимава на него да не му се случи нешто. Икона што има жив израз и сите ги воодушевува. Дури и Муслимани седат во тишина и ја гледаат, вели монахињата.

Сестра Гликерија е отворена и пријатна за разговор, веќе 35 години е во манастирот, па поразговаравме и за островот, за она што многумина посетители на Патмос го коментираа дека има некоја посебна енергија.

– Енергија е неутрален збор, ние Православните би рекле дека островот има голем благодат, Патмос е благословено место. Овде, во пештерата на Апокалипсата, не се слушнал некој неодреден глас, да не се знае кој зборува. Беше самиот Исус. Се појави пред Свети Јован Богослов да му го каже Откровението. Патмос, Светата пештера се осветени од Божјото присуство, исто како и Светиот град Ерусалим. Бог му го даде благодатот на Патмос пред 2.000 години и благодатот остана овде. Оној кој е чувствителен на овие работи, го чувствува тоа и ужива, раскажува монахињата.

Го нарекуваат островот на Апокалипсата, бидејќи во пештера на тогаш ненаселениот остров, пред 1.930 години, се верува дека апостол Јован Богослов, каде што бил прогонет, го чул Божјиот глас и

Вели дека во манастирот има сретнато Германки, кои не се Православни, но 40 години доаѓаат на Патмос и тоа им е традиција, бидејќи „нешто постои на островот“.

Манастирот веќе над 400 години е отворен и е од малиот број женски манастири што никогаш не се затворија, бидејќи, како што објаснува, повеќето во Грција, дали поради отоманското владеење, дали поради баварското беа принудени да затворат мал или голем временски период,

– Но, не и овде на Патмос. Ниту големиот манастир ниту нашиот манастир, фала му на Бога никогаш не затворија. Постои непрекинлив ланец на молитви, истакнува.

Сестра Гликерија нè испраќа со насмевка и си ветуваме дека ќе се видиме повторно, при следното доаѓање на Патмос.

Скриена духовна ризница – најголемиот женски манастир на Патмос

На околу 15 минути пеш од Хора, далеку од населените места, на мирна и изолирана локација, на врвот на рид со бескраен поглед на заливот, се издигнува вториот женски манастир Благовештението на Возљубената Мајка Божја, изграден во 1937 година, што се смета за скриена духовна ризница.

Станува збор огромен манастирски комплекс, со прекрасно уреден двор, но и најголемиот женски манастир на Патмос каде што во моментов живеат 40 монахињи.

Отворен е за посети од 9 часот наутро, а при пристигнувањето во утринските часови, монахињите веќе имаат започнато со нивните дневни активности. Не сакаат јавно до говорат, но се отворени да споделат информации поврзани со светото место.

Манастирот пред нешто помалку од 100 години, го основал монахот и игумен во манастирот на Свети Јован, Амфилохиос Макрис, а денес во манастирскиот комплекс е и неговиот гроб.

Монахот го посветил манастирот на Благовештението на Возљубената Мајка Божја, а во самиот комплекс се наоѓа и истоимената црква во која се наоѓаат и дел од моштите на основач на манастирот Амфилохиос.

Манастирскиот комплекс, што архитектонски наликува на византиски замок, се градел постепено и во зависност од финансиите биле потребни години за да го добие денешниот изглед.

Мирот и спокојот од целиот остров се особено присутни тука.

Се верува дека во минатото, карпата и ридот, односно просторот каде што денес е манастирот бил прибежиште за аскети, за монасите од манастирот Свети Јован Богослов, кои го користеле за изолација и испоснички живот.

Во 1613 година, критскиот монах Никифорос Хартофилакс, кој бил и игумен на машкиот манастир ја одбрал конкретната локација за испосништво и ја изградил малата црква посветена на Свети Лука.

Малата црквичка и денес постои, но не е отворена за посети и е во склоп на делот во кој пристап имаат само за монахињите.

Црквата Св. Лука била основата врз која старецот Амфилохиос, како што го нарекуваат монахињите, го основал денешниот женски манастир.

Велат дека освен што е заслужен за основањето на манастирот, помогнал и во пошумувањето на островот, со оглед на тоа што бил пуст.

Монахот Амфилохиос (1889-1970) во 2018 година бил канонизиран од Вселенската патријаршија и прогласен за светец.

Сестринството на манастирот е особено познато по филантропијата, придонесот во образованието, високата уметност во везот, иконографијата, пчеларството, градинарството и еколошкото одгледување, додека за време на италијанската окупација нивната улога била важна бидејќи ги учеле децата грчки јазик, придонесувајќи за неговото зачувување.

Манастирот, иако е нов, сепак содржи извонредна колекција на икони и реликвии кои датираат од 15 до 17 век.

Карпата Каликацу – свето прибежиште за аскети и испосници

На повеќе локации на Патмос се верува дека постојат т.н. „Свети седишта“ односно свети прибежишта, кои монасите од манастирот Свети Јован Богослов ги користеле за изолација и испоснички живот, а најчесто биле пештери до кои подоцна граделе ќелии или храмови.

Женскиот манастир Благовештението на Возљубената Мајка Божја е изграден токму на таква локација, а „светите седишта“ се распространети и на целиот остров.

Се верува дека најстарото свето прибежиште на Патмос е карпата наречена Каликацу, каде што постојат знаци на употреба и населување и се наоѓа на плажата Петра во непосредна близина на приморскиот град Грикос во југоисточниот дел на островот.

Минувајќи покрај плажата Грикос, од далечината се гледа огромната карпа која изгледа како да излегува од морето, а на островот постојат различни верувања за „чудниот камен со чудна аура“.

Многу аскети во минатото ја одбирале карпата за изолација и испосништво, се верува дека ја претвориле во удобен простор во кој постојат скалички места каде што собирале вода, па дури и простор каде што вршеле литургии.

Веднаш до карпата е и популарната плажа Петра, што ја посетиле и голем број светски познати личности.

Патмос е еден од островите вклучени на листата дестинации за религиозен туризам во Грција, меѓутоа исто така е вклучен и во рутите за крстарења на грчките острови, а нуди и прекрасни плажи за летен одмор.

За разлика од други грчки острови нема толку голем број туристи и во никој случај на се соочува со „прекумерен туризам“, туку напротив нуди мирен и квалитетен одмор.

Освен плажите, на островот се издвојуваат и малиот град Хора, со тесните камени улички што плени со својата убавина, а погледот на речиси целиот остров од највисоката точка, манастирот на Св. Јован Богослов навистина остава без здив.

Во непосредна близина се и трите ветерници кои заедно со манастирот се видливи и од пристаништето, додека пак традиционалните стари куќи на богати семејства од 17-18 век, т.н. „архондика“ имаат своја посебна убавина, но и историја.

(продолжува)