Православните верници денеска го празнуваат зимскиот празник посветен на Свети Наум Охридски. Во Охрид ликот на светецот има исклучително силен култ, така што претставува еден од оние празници кои собираат секоја година најголем број верници.
Чествувањата на светецот почнаа уште синоќа со празнична вечерна богослужба во манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а утрово се служеше света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски, Георгиј.

Вообичаено како и секоја година на празникот во манастирскиот комплекс доаѓаат илјадници верници да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, бидејќи се верува дека Свети Наум Охридски имал чудесна моќ на излекување и дека бил голем исцелител. Покрај православни верници на празникот на светецот бројни се и гости од странство, како и граѓани од другите вероисповести кои го почитуваат делото на Свети Наум Охридски.
Митрополитот Георгиј за Светиот Наум рече дека токму тука во Охрид светецот минал бројни денови и но ноќи, молејќи се во манастирот што самиот го изградил, каде го создал неговото монашко братство и станал образец и зачетник на македонското монаштво.
– Светиот Наум Чудотворец и Светиот Климет Охридски се најзначајните, навредните, најдостојните, најспособните учениците на светите браќа Кирил и Методиј. Поголемиот дел од својот живот тој го поминал со нив, проповедајќи го Евангелието, таму каде Бог го беше упатил. И на тој начин станал пример за цврста верба во Бога, дека што и да се случува треба да го изврши она за што Бог промислил дека треба да го изврши. За неговата истрајност во верата, познато е дека тие тоа што го правеле е една од најблагородните мисии, да го проповеда Евангелието по краиштата на светот. И она што е најголемото разочарување, таму каде беа пошле најголемиот отпор, најголемите искушенија ги имале од нивните собраќа. Од истите оние кои беа верувале во еден бог, што беа членови на една црква, само затоа што зборуваа друг јазик, затоа што веруваа дека секој треба да го слушне Божјото слово на својот сопствен јазик, рече владиката Георгиј.
Митрополитот Дебарско-кичевски уште посочи дека она што за целото време на нивната мисија, а и по доаѓањето во овие краишта, продолжило да биде нивен голем дар тоа што Евангелието го проповедале не само со зборови, туку и со својот сопствен живот.
– Во таа скромна светост успеале да се грижат и да останат запаментени во црковната и свештена меморија и на овој и на сите останати народи…рече владиката Георгиј.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на триесетина километри јужно од Охрид на најјужната точка на Охридското Езеро. Главната црква во комплексот е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим. Светиот просветител Наум ја избрал оваа тивка и благородна околина за свое живеалиште, место од каде што ја развил племенитата мисија за просветување на човекот. Тука е и неговиот гроб, сместен во југоисточниот дел од нартексот.
Манастирот „Свети Наум Охридски“ со векови претставува едно од најзначајните духовни средишта во Македонија и на поширокиот балкански простор. Покрај архитектурата и историјата, манастирот е познат по култот кон свети Наум – светец што народот го памети како чудотворец и исцелител.

Додека свети Климент Охридски останал во колективната меморија најмногу по својата просветителска дејност и ширењето на писменоста, свети Наум е запаметен по чудотворните исцелувања. Според преданијата, нему му се обраќале луѓе од различни народности и вероисповеди, верувајќи дека поседува моќ да лекува уште за време на животот, но и по смртта.
Култот кон свети Наум не е ограничен само на Охридскиот и Преспанскиот регион. Историски записи укажуваат дека се ширел сè до Корча, но и до Унгарија и Романија, каде што живееле иселеници од овие простори. Многумина сведочеле за награди за оние што со добра намера дошле во манастирот, но и за казна за оние кои се обидувале да нанесат штета или да го осквернат светилиштето.
Иако историските податоци за животот на свети Наум се ограничени, е познато дека како еден од учениците на светите Кирил и Методиј, по смртта на Методиј дошол на просторот на Македонија. Манастирот што го основал кај Охридското Езеро стана негово вечно почивалиште, а по неговата смрт во 910 година тој бил прогласен за светец.

Свети Наум не е запаметен само како монах и чудотворец, туку и како културен дејец и писател од средниот век. До денес се сочувани неколку негови химнографски дела, меѓу кои „Канон за апостолот Андреј“, „Канон на Архангел Михаил“ и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Преданијата за светецот и неговиот манастир почнале да се запишуваат уште од 19 век, а најрано се среќаваат во зборниците на браќата Миладиновци и Кузман Шапкарев. Тие активно се пренесуваат и денес, како дел од нематеријалното културно наследство на регионот.
Преданијата за Свети Наум и манастирот што и денес живеат меѓу верниците
Со манастирот се поврзани бројни преданија. Едно од најпознатите раскажува како мечка му изела вол на земјоделец кој орал на манастирското земјиште. Според приказната, по молитвите на монасите, мечката била ставена во јарем наместо волот и нивата била доорана. Детали од ова предание се наоѓаат прикажани на икони, како и на камени релјефи во манастирскиот двор.
Други преданија зборуваат за истовремената градба на храмовите на Свети Климент и Свети Наум на спротивните брегови на езерото. Народното верување вели дека биле поврзани со јаже преку водата и според движењето на тоа јаже мајсторите ја прекинувале работата, а токму поради тоа една од црквите останала без купола.
Манастирот е познат и по приказни за чудесни исцелувања. Според сведоштва на верници и монаси, луѓе од различни вероисповеди доаѓаат да се поклонат на гробот на свети Наум и да побараат помош. Во околината на манастирот се наоѓаат и неколку извори што народот ги смета за свети.

Иако преданијата не можат историски да се потврдат, тие и денес се дел од живото духовно наследство на овој манастир. Манастирот „Свети Наум Охридски“ останува едно од најпосетуваните места во регионот, каде се преплетуваат верата, историјата и богатата народна традиција.
Народната традиција вели дека кога свети Наум починал, Бог му покажал кон неговиот манастир и му рекол дека токму тоа место ќе биде неговиот рај, па затоа се верува дека и денес е духовно присутен таму.
Се раскажува и дека свети Наум и свети Климент ги граделе своите храмови во исто време, на спротивните страни на езерото. Според легендата, мајсторите затегнале јаже преку езерото и преку тресењето на јажето давале знак кога да престанат со работа, што довело до тоа црквите да бидат завршени во различко време.
Друго познато предание зборува за облог меѓу игуменот на манастирот и еден бег. Тие фрлиле чаша полна со вино во езерото за да докажат дали свети Наум е „жив“. Чашата не се скршила, а бегот го подарил својот имот на манастирот. Подоцна, свети Наум во сон му порачал на игуменот да не се коцка повеќе со манастирот.
Се спомнува и случка со млад човек од Епир кој бил во тежока душевна состојба и бил донесен во манастирот. По некое време, според сведоштво на присутните, тој одеднаш се освестил, кажал дека видел старец- свештеник кој „го изгаснал пламенот“ што го измачувал и по кратко време целосно се смирил и си заминал дома.
Посебно се издвојуваат и раскажувања за брачни парови кои по повеќе од една деценија брак добиле рожба по посетата на манастирот кај свети Наум. Дел од преданијата зборуваат и за „казни“ што ги снашле лица кои, според верувањата, покажувале непочит кон светецот или манастирскиот имот – случаи на кражба, потсмев или оштетување на вакафска сопственост.
Етнолозите оценуваат дека овие умотворби имаат важно место во локалната духовна традиција, пренесувајќи морални пораки и силна поврзаност на верниците со светителот и манастирот кај Охридското Езеро.
Преку ваквите преданија, луѓето векови ги пренесуваат верувањата и почитта кон Свети Наум и неговиот манастир.
И денес манастирот „Свети Наум Охридски“ е едно од најпосетените светилишта. Верници и туристи од целиот свет доаѓаат да се поклонат на гробот на светецот, а преданијата и легендите продолжуваат да го одржуваат жив култот што трае повеќе од еден милениум.
МИА




