Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието истакна дека на политиканството и лицемерните игри на Заев и СДСМ на сметка на граѓаните и стопанството, им нема крај.
-Оттука, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, целосно го осудуваме инженерингот на Заев и СДСМ. Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството, истакна Мицевски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството.
-Од друга страна, бидејќи Владата до предлагачот достави негативно мислење, а со недели Зоран Заев и други официјални лица на СДСМ даваат изјави за неприфаќање на текстот на законот кој е во процедура, ги повикуваме истиот веднаш да го стават на комисија, бидејќи нема деловнички пречки односно нема амандмани, да ја продолжат пленарната седница и да се гласа за овој закон. Истовремено, ја повикуваме коалицијата Алтернатива/Алијансата за Албанците да ги повлечат амандманите од петтиот пакет на мерки, за да можат компаниите и граѓаните да ги добијат и онака недоволните и задоцнети средства како помош за справување со последиците од КОВИД пандемијата. Неодговорното однесување на Заев и власта редно време е да престанат. Македонските граѓани и македонската економија немаат време за чекање, немаат време за игри и пазарења на Заев, ним им е потребна помош веднаш, без одлагање, нагласи Мицевски.
Тој апелираше до парламентарното мнозинство веднаш да се одржат и да продолжат со работа матичните комисии каде се наоѓаат законите од петтиот пакет на мерки, а потоа во текот на денот или најдоцна утре да се одржат и пленарните седници на кои би се гласало по овие точки.