Ексдиректор на УБК Сашо Мијалков е осуден на 8 години затвор, ексшефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски на 5, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ на 5, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски на 15 години казна затвор за незаконска набавка на британската прислушна опрема за УБК, случај познат како „Трезор“ покренат од бившото СЈО.

Сите се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Јакимовски за помагање.

Од фирмата „Финзи“ се конфискува имотната корист остварена од кривичното дело во висина од 838.106 денари и 145.619 евра од девизна сметка плус возила и друго.

Тројца од поранешните функционери во УБК, кои се гонеа во „Трезор“, пред помалку од два месеца добија затворски казни во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на нелегалното масовно прислушување во земјава од 2008 до 2015, како и на уништување на опремата за прислушување со цел прикривање на докази. Оваа пресуда сè уште не е правосилна, со оглед дека за поднесените жалби треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.

Со таа пресуда Мијалков доби 12 години затвор за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание. Последното дело веќе му застаре, па доколку Апелација потврди дека тој е виновен, казната ќе му се намали поради застарувањето.

Горан Грујевски, пак, доби 15 години затвор за повеќе дела, како: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.

Тони Јакимовски со првостепената пресуда е осуден на 6 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа.

Обвинителството бара притвор за Мијалков и Стајковиќ

Застапниците на обвинението за случајот „Трезор”, по објавување на пресудата за овој случај од Судот побараа на обвинетите Сашо Мијалков и Небојша Стајковиќ и да им се изрече мерката притвор до правосилност на пресудата.

– Имајќи ја предвид казната од осум години и дека Сашо Мијалков е исклучителен моќен човек, како и неправосилната пресудата во случајот ,,Тврдина-Таргет”, предлагаме да се одреди мерката притвор за овој предмет. Причните се дека постои можност за бегство, рече обвинителот Трајче Пеливанов, кој воедно предложи мерката притвор за случајот ,,Тврдина-Таргет”, да се укине.

Одбраната на обвинетите, по предлогот на јавните обвинители, наведе дека тие се убедини дека овој предмет во Апелациониот суд ќе добие ослободителна пресуда. Адвокатот Лупчо Шврговски, посочи дека не постои опасност од бегство и дека ваквото барање е неосновано.