Долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во Долно Соње добива конкретно решение. Денеска започна бушењето на нов истражно-експлоатационен бунар, со планирана длабочина од 100 метри.

Информацијата ја објави градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, кој посочи дека Општината е целосно свесна за проблемот со кој со години се соочуваат жителите.

Работите на терен ги изведува Градежниот институт на Македонија, а очекувањата се дека новиот бунар ќе придонесе за стабилизирање и зголемување на расположливите капацитети на вода во Долно Соње.

„Искрено се надевам дека овој проект ќе даде резултат и ќе овозможи стабилизирање и зголемување на расположливите капацитети на вода во Долно Соње, со што ќе направиме значаен чекор кон решавање на проблемот со водоснабдувањето“, порача Мицевски.

Тој нагласи дека жителите очекуваат конкретно решение, додавајќи дека обврска на локалната самоуправа е да работи на решавање на проблемите, а не само да зборува за нив.