Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, ја повика власта доколку сака уставни измени тогаш да се охрабри и да излезе на предвремени парламентарни избори за граѓаните да можат да одлучат, потенцирајќи дека Заев во 2020 година на изборите не излегол со понуда за да менува Устав за влез на бугарите во него.

-Ако сакате да менувате во Уставот, тогаш повелете излезете на избори, прашајте ги граѓаните, па тие нека одлучат. Така е во скандинавските земји, во Шведска е така, ако сакате да менувате устав, тогаш извинете излезете, па менувајте. Не излезе Заев во 2020 година, Ковачевски воопшто не ни излезе на избори, ама еве Заев не излезе со програма да менува Устав па да рече еве јас ќе го менува Уставот, ќе ги внесувам Бугарите, па гласајте дали сте за мене или не сте за мене, посочи тој.

Мицкоски нагласи дека ниту тој, ниту опозицијата не е виновна што владата на СДСМ не размислила кога носела политички одлуки без претходно да обезбеди општествен консензус.

Ниту јас, ниту опозицијата не е виновна што некој повлекуваше политички потези без да обезбеди општествен консензус, истакна Мицкоски.

Што се однесува до бугарските клубови, Мицкоски истакна:

-Денешницата е дека имаме клуб кој што провоцира и носи име на човек кој што во македонската историја нема добра улога, тоа е царот Борис Трети кој што бил соработник на нацистите во Втората Светска војна, и кој што од Македонија испратил повеќе од 7200 Евреи во концентрационен логор Треблинка.

На прашањето дали очекува дека ќе биде затворен клубот, Мицкоски рече дека влада која што ја сака државата и сопствениот народ треба веднаш да го забрани клубот кој носи име кој има срамна улога во историјата за македонскиот народ.

-Влада која што си ја сака својата држава и си го почитува својот народ треба тоа да го направи и да го забрани, исто како што се сеќавам веднаш после отворањето на оној клуб во Благоевград кој што го носи името на Никола Јанков Вапцаров, човек кој што обединува, кој што може да биде одличен мост помеѓу двата народа македонскиот и бугарскиот, а беше затворен. Овој човек не само што не обединува, туку има навистина срамна улога во историјата за македонскиот народ, потенцираше Мицкоски.