Предвремени парламентарни избори на 14 или на 21 мај – тоа е единственото што го бара претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од премиерот Димитар Ковачевски и негов „конечен одговор“ за државата да биде стабилна и да има силни институции, образложил Мицкоски на брифингот со новинарите, пренесува Слободен печат. Тој не прифаќа никаква „трампа“ избори за уставни измени, а во предизборната кампања која би почнала на 25 април на граѓаните ќе им понуди решение за обврските што произлегоа од т.н. француски предлог.
Тој не прецизирал како ќе дојдат до предвремени избори, односно рекол дека ќе бидат креативни за да создадат мнозинство во парламентот за уривање на Владата. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не издејствува избори во мај, тогаш ќе се оди на редовни парламентарни избори во 2024 година.
– Новата година ќе биде значајна по многу аспекти. Лично, очекувам да има предвремени парламентарни избори затоа што очигледно е дека политичката состојба е неподнослива, не само меѓу партиите туку и во владејачката коалиција СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Мислам дека таму ситуацијата е алармантна и тоа го загрозува функционирањето на институциите – рекол Мицкоски на брифингот.
За да се намалат тензиите, тој смета дека е потребен ресет на системот.
– Добар период за избори е 14 или 21 мај оти големите верски празници Рамазан и Велигден завршуваат во април и веќе од 25 април може да почне предизборната кампања – рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Најавата на Ковачевски прво да има претседателски, па парламентарни избори за Мицкоски е незрела и антидржавничка, бидејќи претседателските избори би биле неуспешни, односно тешко би се постигнал цензусот за излезност од 40 отсто. Тој не прецизирал дали ВМРО-ДПМНЕ би учествувала на претседателски избори ако се одржат одделно од парламентарните во 2024 година. Во таков случај, според Мицкоски, ДУИ би имала монопол на владеење бидејќи при неуспешни претседателски избори, претседателот на Собранието Талат Џафери би бил шеф на државата, а едновремено на чело на техничката влада би бил премиер Албанец од ДУИ.
– ДУИ би имала претседател на Собрание, шеф на државата и технички премиер, а тоа Македонија не смее да си го дозволи. Тоа е штетно за државата и за меѓунационалните односи. Затоа ценам дека следната година е нужно да имаме предвремени парламентарни избори – истакнал Мицкоски.
Тој уште еднаш повторил дека овој парламентарен состав – опозициските пратеници во него – нема да гласа за промени на Уставот со цел во него да бидат запишани Бугарите и дека од тој став ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи.
– За уставните измени имаме принципиелен став, не дека ние водиме инает па затоа ќе има избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи влада, па ќе менува Устав, таква теза се шири. Ние не бевме во процесот на преговарање и договарање. Понудивме да учествуваме, но не одбија. Во преговорите имало и некој од кабинетот на Макрон, но демантирам дека тој се сретнал со мене. Претседателот Стево Пендаровски знае често да прави лесна екскурзија, но тоа не е точно. Не излегуваме на избори за да го менуваме Уставот. Но, сега веќе имаме проблем и во предизборната кампања ќе кажеме како ќе го решаваме. Ако ние направиме влада, ќе го решаваме проблемот. Нема трговија избори за уставни измени, за тоа не правиме пазар – рекол Мицкоски.
Според него, во овој парламентарен состав нема да има уставни измени без оглед дали ќе има некакви гаранции од ЕУ.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ преку протести ќе се избори за предвремени избори, доколку Ковачевски ја одбие понудата, Мицкоски истакнал дека анкетата направена за потребите на партијата покажала дека кај граѓаните нема потенцијал за протести, односно дека само 10 до 15 отсто анкетирани се за излегување на улица, што е незадоволително оти не сакаат со мала посетеност да легитимираат погрешни политики.
За најавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека од следната недела власта ќе ги интензивира контактите за измени на Уставот и дека тоа би било вин-вин ситуација, Мицкоски истакнал дека за тоа нема потреба да разговараат.