Проектот на Бехтел и Енка, ако е точен оној договор кој што ние го имаме добиено, а до сега никој не го демантираше, така е направен, но практично  тој од владата што го потпишал се однесувал како вработен во компанија кој што ја добива зделката. Бидејќи во ниту еден момент не е заштитен интересот на државата, а целиот договор го штити интересот на изведувачот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното гостување на Радио Лидер.

И што е уште потрагично, додава Мицкоски, дури и во случај на спор арбитражен не важат македонските закони, туку важат некои други закони и процесот при евентуална арбитража би се водел во Париз пред Меѓународната стопанска комора, посочувајќи дека со тоа е суспендиран правниот поредок на Македонија.

Потенцираше дека проектот за изградба на коридорите во изведба на конзорциумот Бехтел и Енка ќе ја надмине првично предвидената сума од една милијарда и 300 милиони евра затоа што во договорот не се вклучени ставки како на пример експропријација и други трошоци и истиот би ја надминал сумата од над две милијарди евра.

„Овој договор е недефиниран до крај, тоа е најголемиот проблем во комерцијална смисла. Затоа што таму се дефинирани ставки и дефинирана е одредена сума, ако се сеќавате таа сума беше околу една милијарда и 300 милиони евра. Таму не е влезен процесот на експропријација како цена, и не се влезени дополнителните работи како ставки. Грубо, тоа што јас сум го анализирал и со колеги од градежниот факултет, ценам дека вака како што сега е конципиран, тој проект ќе ја надмине од 2,2 милијарди евра. И ова е минимално, некој дури се и по песимисти од мене и одат до две и пол милијарди евра“, рече Мицкоски.

Посочи дека тоа е исклучително голем обем на пари за држава како Македонија која што има вкупен БДП од не повеќе од 15 милијарди оваа година.