Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес – конференција изјави дека вечерва се случи класична полициска монтажа.
Според него, требало да биде убиен тој или некој недолжен граѓанин. Вели дека ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост.
„Подолго време добивам информација за моја елиминација која ја нарачува власта. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат. Полицијата ја немаше никаде“, рече Мицкоски.
Вели дека ваквото сценарио го најави власта, односно министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Оваа слика јас ви ветувам дека нема да ја заборавиме“, кажа Мицкоски.
-Вечерва полицијата ја немаше, а мистериозно се појави група од 10 луѓе. Беа испукани повеќе истрели кои за среќа не завршија во народот. Ваквото сценарио го најави власт. Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе има меѓуетнички тензии ако не поминел предлогот. Ковачевски и Спасовски градат милитантен контекст, имаше најава за молотови коктели, за жртви, и откако не им успеа веќе го достигнаа врвот во монструозноста каде требаше да се загуби човечки живот за да останат на власт. Видете го овој пиштол и видете го народот кој не му се плаши. Овој пиштол е е свртен кон народот. Тој беше насочен кон губење на невин човечки живот. На овие слики кои ги гледаме не е најважна етничката припадност, туку гледаме криминалци кои заедно со власта одат против народот. Немојте да се убедувате и да кажувате дека луѓето се од оваа или онаа политичка партија, туку тие имаат една страна , страната на криминалот. Мојата порака до Албанците е дека оваа борба е заедничка, наша и заедничка низ вековите”, изјави Мицкоски.
Тој рече дека хушкачи и власта одат против народот. Кажа дека тие имаат една страна, а тоа е страната на криминалот. Изјави дека неговите зборови не се поврзани со било чија етничка или партиска припадност и упати порака на обединување, бидејќи криминалците се криминалци, и за Македонците и за Албанците.
Мицкоски најави дека нема да се повлечат, туку ќе одат до крај помасовно. На прашањето дали заканите кон него пријавувал, рече дека порано го правел тоа, но сега кренал раце. Најави и дека протестите продолжуваат утре во 19 часот.
„Кренав раце и повеќе не пријавувам бидејќи нема ефект од тоа. Можеби сум единствен претседател на политичка партија кој нема обезбедување. Не барам и ако ми дадат нема да прифатам. Како татко и родител сум загрижен, но не се плашам. Се плашам само од еден, а тоа е Господ. Продолжуваме утре уште побројни во 19 часот пред Владата. Ако го нема Христијан, ќе дојде друг, ама народот нема да се откаже. Нема чекор назад, одиме напред со народот, силно, мирно и со гордо крената глава. Ова се пораки на обединување, заедништво и смиреност, изминатиот период подолго време добивам информации, еден е Христијан, и да е тука и да не е тука, народот нема да се повлече”, додаде Мицкоски.