Во вечерашното издание на дебатната емисија “Само интервју” на Канал 5 Телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во земјата, економската и здравствената криза, пописот кој се планира да се спроведе во земјата и долго очекуваните вакцини.
Во однос на преговорите со Република Бугарија, Мицкоски потенцираше дека македонската преговарачка страна, односно тимот кој преговара, не смее никако и под ниедни услови да прифати дека Гоце Делчев бил Бугарин. Такво нешто ќе ја срози македонската државност и ќе покаже огромна слабост пред светот.
Треба сите да сме свесни дека врз името на Гоце Делчев, Груев, Питу Гули и останатите, ние всушност изградивме држава. Името и земјата се темелат врз тие постулати. Македонската страна мора да ги запази тие моменти и не е важно дали ќе имаат притисоци од внатре во државата или пак од некој друг, тоа не смеат да го дозволат, додаде Мицкоски.
-Доколку на мене на маса некој ми даде предлог да прифатам дека Делчев бил Бугарин, верувајте дека ќе направам дипломатски скандал од светски размери, за кој ќе се зборува долго и дури тогаш ќе се отпочнат разно разни постапки. Тоа е нешто незамисливо и сметам дека не смее да постои таков човек кој тоа би го прифатил”, истакна Мицкоски.
Сите сме свесни дека Зоран Заев е човекот кој без да почувствува никаков притисок распродава се што е македонско и нему ништо не му е мило, но тоа не смееме да му го дозволиме, бидејќи Македонија не е Зоран Заев, туку Македонија се нејзините граѓани од сите етнички заедници, заврши Мицкоски.