За мене претставува голема чест и задоволство што еве денеска можам од овде од Загреб да се обратам како премиер на мојата прва билатерална посета и со големо задоволство можам да кажам дека на оваа прва билатерална посета помеѓу министерствата за образование и наука и Министерството за здравје беа потпишани билатерални договори со кои што значително ќе се подобрат односите на двете земји коишто се и онака би рекол братски.
Сакам да се заблагодарам на мојот драг пријател премиерот на хрватската Влада, господинот Андреј Пленковиќ, за гостопримството, за убавиот разговор, за прекрасната атмосфера којашто ја имаме овде во Загреб. И убеден сум дека братските односи помеѓу македонските и хрватските граѓани и во иднина ќе бидат на едно исклучително високо ниво, а ние како две влади ќе продолжиме да работиме за зголемување на соработката помеѓу граѓаните на двете држави.
Благодарен сум за поддршката којашто ја добиваме од премиерот Пленковиќ, од министрите во хрватската Влада за евроинтегративните процеси, иако фрустрацијата и неправдата, којашто ни е нанесена како македонски граѓани, како држава е голема, бидејќи повеќе од две и пол децении се позади нас откако го почнавме овој пат, но за жал се уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема. Но, се надевам дека како нова влада, со реформите коишто планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската Влада, но и останатите пријатели коишто доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, конечно таа неправда после повеќе од или би рекол скоро две и пол децении од денеска ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство.
Убеден сум дека вредностите коишто пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на Европската Унија.
И сосема на крај би сакал да напоменам дека се осврнавме уште на неколку заеднички теми, коишто се од огромно значење за двете држави, меѓу кои и економската соработка којашто во овој момент изнесува нешто повеќе од три стотини милиони долари на годишно ниво. Има простор за напредок, голем број македонски, голем број хрватски фирми се присутни на заедничките пазари, а зошто да не во иднина заедно настапуваат на трети пазари. Тоа е суштината на пријателските односи, кога покрај политичките и граѓанските релации ќе имаме и бизнис релации кога заедно ќе настапуваме во конзорциум на трети пазари и на тој начин ќе можеме да додадеме вредност во економиите на двете земји.
Јас апсолутно верувам дека заедно со мојот драг пријател Андреј ќе направиме многу за нашите две братски нации и дека тоа што до сега е ниво постигнато во нашите меѓусебни односи само ќе биде еден почеток на уште подобро градење на заедничките односи.
Во таа насока се заблагодарувам многу за поддршката којашто ја дава тој лично, но и хрватската Влада, во евроинтегративниот процес на нас како држава, како народ, како граѓани, но истовремено сигурен сум дека и на другите полиња меѓу кои и реформите во правосудството, реформите коишто се во другите области, исто така, ќе можеме заеднички да соработуваме и да ги црпиме хрватските искуства.
Уште еднаш претседателе Пленковиќ ви благодарам на прекрасниот пречек овде во Загреб.