Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за осумте нови инвестиции, појасни дека тие ќе бидат надвор од оние коишто досега доаѓаа во делот на автомобилската индустрија.

-Тоа се инвестиции во делот на фарма индустријата, во делот на индустријата која што се занимава со производство на батериски системи. Една е практично т.е. две се проширување на постојните капацитети на тие компании, и другите се во делот на енергетиката, истакна Мицкоски во изјава за медиуми по посетата на реконструираната Kлиниката за уво, нос и грло.

Премиерот вчера одговарајќи на пратеничко прашање дали може да се очекуваат засилени домашни и странски инвестиции, информира дека до крајот на годината ќе има осум нови инвестиции, некои ќе потврдат дека почнуваат инвестиција, а некои дека имаат донесено таква одлука – за почнување инвестиција кај нас. Се размислува, подвлече премиерот, и за привлекување инвеститори кои произведуваат воена опрема и оружје. Веќе се водат разговори со неколку такви компании, а за оваа намена ќе бидат определни посебни зони.

-Очекувам бранот на инвестиции да се засили откако ќе ги завршиме преговорите со САД за трговијата. Имаме информација дека веќе осум инвестиции до крајот на годината се потрвдени дека или почнуваат или имаат донесено одлука за почнување инвестиција кај нас. Ова е последната информација што ја добив од директорот на ТИРЗ. Тој ме информираше за две добри вести, но нека се потврдат деновиве па ќе ги објавиме во јавноста. Едната вест е дека компанија од фарма бизнисот за 60 отсто ќе ја зголеми инвестицијата, а втората е дека е потврдена компанија за производство на батерии. Покрај овие осум инвестиции, очекувам и инвестиции од компаниите присутни кај нас и такви очекувам најмалку три кои ќе го зголемат извозот за најмалку половина милијарда долари, рече вчера премиерот Мицкоски од собраниската говорница.

Во однос на домашните инвеститори Мицкоски потенцира дека е зголемен растот на кредитите во првиот квартал и изнесува 11,8 отсто, за разлика од 2018 година, на пример, кога бил 5,4 отсто или во 2019-та кога изнесувал 6 отсто.