Работната верзија од Извештајот на известувачот Вајц е онаква каква што е, важна, значајна, бидејќи, првпат се споменува посебен македонски идентитет, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговорот на новинарско прашање. Тој оцени дека Европа има шанса да ја исправи историска неправда и дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик, но европарламентарци имаат поинакви мислења.
– За жал, од страна на некои негови колеги, пратеници коишто доаѓаат од, за жал, нашата сестринска партија ГЕРБ, предлагаат пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“. За нас тоа не е изненадување, бидејќи ние од самиот почеток на оваа авантура на прифаќање на претходната влада, Бујар Осман и Димитар Ковачевски, ние зборувавме за ова, дека зад сето тоа се крие токму ова, создавање на една вештачка нација, сегашна македонска нација, рече Мицкоски.
Тој напомна дека имал интензивни разговори со неколку влијателни луѓе и во ЕП и во Брисел. Доколку тоа се случи, смета Мицкоски, ќе се потврди дека не станува збор за неколку стотини граѓани кои се сметаат дека се дел од бугарската заедница во Македонија, туку дека е обид за создавање нова, вештачка, сегашна македонска нација која почива на корените на бугарската нација.
– Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам, зашто тоа нема никаква врска ниту со европските, ниту со какви било вредности. Но тоа уште еднаш покажува со какво незнаење и авантура или намера влегоа Бијар Османи или Димитар Ковачевски, рече премиерот и вината за ваквата ситуација ја префрли на неговиот претходник Ковачевски и екс министерот Бујар Османи кои го прифатиле „францускиот предлог“.
– Јас сега чекам Европа да даде одговор. Европа сега има шанса, сега нема едногласност, Европа има шанса да исправи историска неправда нанесена со прифаќањето на Бујар Османи и Димитар Ковачевски на тоа што им беше ставено на маса, рече премиерот.
Според него вистината е таа дека официјална Софија никогаш не се препакувала и останала да биде слеп заложник на политиките на „Живковизмот“, создавање на нова македонска нација која што почива на основите на бугарската нација. згм/ац/