Секој век, има свој среден век. Ама изгледа овој темен период ќе да се задржи највеќе во времето кога Заев и СДСМ е на власт, затоа што не уназадија со години и години наназад. Да не се заборави дека оваа Влада, како ниедна во овие 28 години Македонска држава ги имаше сите услови, целата поддршка и шанси за да успее, но не. Тие не успеаја и ги упропастија сите шанси. Се случи дебакл. И по упропастувањето на европската перспектива на земјава нема ниту една единствена причина за поддршка на оваа власт, истакна денеска на 29 годишнината од роденденот на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
-И некако премиерот како да има целосно отсуство на општествената категорија прифатена во целиот цивилизиран свет, наречена срам. Овој човек не само што не го гризе совест, туку и нема срам што пред една година така насмеан од владиниот авион се пофали дека добил датум за преговори, па дури и организираше славје за датумот, и истиот човек ни вели дека и оваа година ќе го добиеме, а всушност ниту лани ниту до сега го добивме. И кога увиде дека нема датум досега, малиот деспот почна да се заканува на големата Европа и нашите партнери, дури и да станува евроскептик, дури поголем од оние Српски Двери од каде ја препишуваше програмата за живот. Па така како тргнал може да почне кампања нема правда, нема ЕУ. Но треба да си погледнеме во очи и да си кажеме дека нема датум за преговори не затоа што Европа не не сака, туку затоа што владата не ја бива. Ние сме земја каде власта брка од работа кутар хигиеничар кој фрлил 200 грама прашина во Вардар, а премиерот што бараше 200 илјади евра мито, евро за Заев евро за брат му, влакно не му фали. Ние сме земја каде пред да се отворат тендерските понуди се знае кој ќе го земе тендерот, не затоа што опозицијата е видовита, туку затоа што Власта ги мести тендерите и тоа станува јавна тајна. Земја каде поединци чиј грб е Власта хараат и рекетираат низ земјава. И сето ова ќе се согласите и не е баш Европски. Токму затоа нема датум. Но жалењето врз заедничката судбина нема да ни помогне. Прашањето е како понатаму, што е следниот чекор?, прашува Мицкоски.
Тој вели дека некој ќе си помисли дека ќе го копираат однесувањето на СДСМ, да создадат криза, ќе почнат демонстрации, блокади, непослушност, ќе шараат по објекти, да се пресметуваат со полицијата. Така правеа тие.
-Не, тоа нема да го направиме во овој момент… Туку јас ќе се борам Македонија да добие датум за преговори, да не се испушти и оваа шанса. Не затоа што реално владата сработи, туку за да граѓаните не бидат заложници на неспособната Влада. За да има уште една контрола врз разузданата Власт потопена со криминал и корупција. Сакам да се обратам и на оние кои на политиката гледаат но и реагираат брзоплето. Дали можеби историската брзоплетост и нетактичност во дадени моменти го чинела македонскиот народ и македонската нација непотребна жртва во борбата за сопствена, суверена и самостојна држава. Немањето трпение и чекајќи го вистинскиот момент кога треба да се зададе конечниот удар се поставува прашањето, дали поради тие извици и крици ние денеска треба повторно да ја повториме некоја историска грешка во минатото и да војуваме со туѓи синови во неизвесна иднина? Мислам дека храброста не не недостасува, напротив овде во оваа просторија и надвор во Македонија ја има, македонскиот народ докажал низ историјата дека е храбар, мудар, ајде сега да бидеме трпеливи да одиме чекор по чекор сите заедно од прв до последен и да го поразиме Зоран Заев и оваа негова влада, владата на СДСМ и ДУИ, ајде прво нив да ги поразиме, да направиме влада која ќе работи макотрпно секој ден и ќе се натпреварува самата со себе за да ја внесе Македонија во европското семејство. Ајде оваа методологија да ја направиме, ако сега погрешиме, се плашам дека во иднина ќе нема храбра генерација, ајде да го поразиме злото во Македонија денес за да и се раздени утре, ајде да го видиме македонското сонце како нова ѕвезда над европското знаме, јас така и никако поинаку не ја гледам заштитата на Република Македонија, рече Мицкоски.
Тој вели дека не е подготвен по навидум полесниот и едноставен пат да војува заедно со македонските синови во неизвесна иднина, но е подготвен со сите да оди кон потешкиот пат и извесна иднина, само така македонската вековна борба ќе успее.