Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека денешниот изборен ден од повторените локални избори помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера.
Тој посочи дека граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас.
Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера.
И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас.
Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност.
Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат.
Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики.
Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа.
Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика.
Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше.
Оваа победа не е само локален резултат.
Таа е јасна политичка порака.
Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност.
Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати.
Оваа победа е резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна.
Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата.
СДСМ во 6.
Тоа не е случајност.
Тоа е јасен политички суд на граѓаните.
Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија.
По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици.
Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција.
Но проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки.
Проблемот е многу подлабок.
Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција.
Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните.
Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади.
СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови.
Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија.
Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари.
Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови.
Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми.
Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди.
Од другата страна е концептот што победува.
Концептот на ред, стабилност и одговорност.
Концептот на проекти, мерки и резултати.
Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани.
На крај, како претседател на Владата, имам обврска да упатам јасна и недвосмислена државничка порака.
Македонија нема луксуз да губи време на хаос и деструкција.
Потребна ѝ е сериозна и одговорна политичка сцена.
СДСМ мора да се отрезни, да расчисти со своето минато и да престане да биде срам за сопственото членство и за државата.
Нека биде јасно и нека остане запишано:
Државата е поголема од секоја партија;
Стабилноста е поважна од секој политички интерес;
Довербата на граѓаните не се освојува со кодошење и хаос, туку со работа, чесност и одговорност.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи по својот пат.
Со напорна работа, со генерирање стабилност и со јасна цел: Македонија да оди напред, сигурно и достоинствено.




