Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави 10 факти кои ги разобличуваат невистините на Заев во врска со економијата.
-На прашањето кое започнува со колку, наједноставно се одговара со факти, но не измислени, туку реални, издржани, проверливи факти. И бидејќи Заев ја отвори темата, еве 10 факти кои ги разобличуваат неговите невистини во економијата.
Факт број 1, реалната сума на странски директни инвестиции е драстично помала од 624,5 милиони евра со која се фали владата и Заев. Дури над 80 отсто од оваа сума не се странски инвестиции, туку реинвестирана добивка. Тие ја реинвестираат сопствената добивка затоа што Заев и оваа влада ги качија даноците во државата и мора акумулираната добивка од годините наназад кога работеле во Република Македонија да ја извадат во последниот квартал од претходната фискална година и истата година да ја реинвестираат истата година.
Факт број 2, вистината е дека оваа влада нема обезбедено странски директни инвестиции, а фабриките со кои се фали Заев се оние инвестиции донесени, обезбедени од владата на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа е лесно проверливо.
Факт број 3, инвестицијата Чагатај Кабло со која се фали Заев е инвестиција на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем се работи за турска инвестиција, добавувач на белгиски Ван Хол која што пак е исто така донесена во време на претходната влада. Чагатај Кабло е претходно договорена – објавено од страна на инвеститорот дека ќе инвестира во декември 2016 година.
Фак број 4, ивестицијата ВИК од Германија со која Заев се пофали, е исто така донесена од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за германска инвестиција во ТИРЗ Прилеп, претходно договорена и објавена од страна на инвеститорот уште во ноември 2016.
Факт број 5, инвестицијата Теламон со која Заев се пофали е браундфилд инвестиција договорена пред доаѓањето на СДСМ. Поради промeнa на владата и неспособноста на тимот кој сега е во Владата следеше застој во преговорите.
Факт број 6, инвестицијата на Мурат Тичарет за која Заев кажува невистина дека е негово дело, е турска инвестиција, добавувач на белгиската Ван Хол со која претходно, пред доаѓањето на СДСМ беа започнати разговори и беа сведени во финална фаза, и забележаа застој од најмалку една година по смена на власта.
Факт број 7, компанијата Дура за која Заев напиша дека е инвестиција на оваа влада, впрочем е инвестиција на американска компанија со која се водеа долгогодишни преговори од владата на ВМРО-ДПМНЕ по што беше избрана Македонија во тесна конкуренција со Србија. Инвестиција реализирана на основ на нов инвестициски концепт во зоните дизајниран од тимот на претходната Влада.
Факт број 8, фалењето на Заев со компанијата Кеслер е злоупотреба бидејќи оваа компанија е донесена исто од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно договорена и впрочем се работи за компанија која веќе 2 години функционира надвор од ТИР Зона во околината на Скопје!
Факт број 9, фабриката на ODW електрик работи во Македонија уште од 2015та година. Тоа е една од инвестициите донесени од претходната Влада со долгорочен план чија етапна реализација сега, вештачки се претставува како нова (втора) фаза.
Факт број 10, истата 2015-та година со работа почнува и фабриката на компанијата Диатек, со која сега Заев се фали како негова успешна инвестиција.
Воедно Заев треба да одговори прецизно колку од вработувањата со кои сега се фали се резултат на партиски вработувања во државната администрација, а колку отпаѓаат на оние вработени во странските инвестиции донесени од ВМРО-ДПМНЕ.
За каква поддршка на домашното стопанство говори кога сеуште нема остварено ништо од неговите ветувања: дека во првите 6 месеци ќе направат поврат на 15 осто ДДВ, дека ќе обезбедат 140 милиони евра за поддршка на домашни компании, дека ќе се обезбедат евтини кредити за стопанството.
И на крај, независно дали е од незнаење или свесно кажано, го слушам кандидатот на Заев за Претседател, Пендаровски како вели дека ќе обезбедел извоз на земјоделските производи и безцарински пристап до земјите од ЕУ отворајќи можност за пристап до 500 милионски пазар, но вистината е дека тоа веќе е одамна можно и се одвива без препреки десетина години.
Сите овие забелешки не се дека се радувам на неуспехот, туку потребно е да се презираат невистините кои Заев и неговиот тим им ги приредуваат на јавноста. Македонија ќе беше сигурно подобро место за живеење доколку реално се донесеа уште триесетина нови странски инвестиции, но за жал тоа време е пропуштено.
Во ваква една ситуација, не се знае што е полошо, што безочно шират невистини и мислат дека им веруваме, или тоа што секој ден се повеќе ја тонат економијата.
Затоа ги соопштувам овие факти, да биде запишано, за да не се заборави, стои во неговиот Фејсбук статус.