Премиерот Христијан Мицкоски одби да ги коментира обвинувањата на Блерим Беџети, откако против него беше поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, посочувајќи дека вистината треба да се утврди во судска постапка.

„Не би ги коментирал неговите наводи, има место каде може тој да ја докаже својата невиност. И се надевам дека ќе ја докаже неговата невиност, не би сакал ние да бидеме во право, а тој да не биде во право. Бидејќи секој има право на пресумпција на невиност додека не биде осуден. Невиноста се докажува во судска процедура“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека за него успех е да има помалку кривични пријави, особено кога станува збор за политичари, нагласувајќи дека правдата треба да се води низ институциите.

На прашањето дали очекува проширување на постапките и кон други поранешни функционери, Мицкоски посочи дека не треба да се водат од „чувства“, туку од принципи.

„Мислам дека премногу чувствителни станавме периодов, да се фокусираме на бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и напорна работа за македонските граѓани“, рече премиерот.

Реакцијата на Мицкоски доаѓа откако Беџети оцени дека станува збор за политички притисок, тврдејќи дека институциите постапуваат по најави од политиката и дека целта е замолчување на неговиот политички ангажман.