Драги загрижени сејачи на магла, јас можам да ве разберам, ви наредиле и силно ве платиле капитулацијата да ја прикажувате како триумф, лагата како вистина, а неспособноста и немањето план како иднина или изолација… Е, па, еве ќе ви одговорам, напиша на својот профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Јас сум за иднина, иднина во која Македонија ќе ја водат принципиелни, чесни и од збор луѓе, а не аболицирани политичари. Иднина во која политичарите што бараат мито ќе одат во затвор, иднина во која брат политичар на брата бизнисмен нема да му дава за бадијала парцели, милиони да млати на грбот на граѓаните, иднина во која нема да бидеме на дното на економскиот раст. Реформи во судството, образованието, здравството и социјалата, иднина во која криминалците нема да се амнестираат и позираат гордо сликани со политичарите од власт, напиша Мицкоски.
Тој натаму во пораката додава:
– Јас сум за иднина во која нема да се проституираме како народ и држава затоа што уценети и неспособни политичари се во владата, иднина во која нема министрите да си делат грантови и тендери на шибицарски начин, а премиерот ќе им прости со стерилно образложение дека немало да ги смени затоа што немал со кого да работи, иднина во која моите студенти наместо да се збогуваат со мене после одбраната на дипломската работа ќе ме консултираат во која фабрика и кое работно место ќе го прифатат овде во нивната татковина. Иднина во која нема мојата татковина да биде рекордер по бројот на мртви новороденчиња во Европа, иднина во која со моите синови гордо ќе ги читаме историските читанки и ќе си спомнуваме за херојските подвизи на Гоце, Даме, Јане, Илинденците, Панко, Ченто, Павел, партизаните, но и на тие пред нив и тие после нив, пишува во својот статус Мицкоски.
И продолжува:
– И нема да „шупотеме“ тивко затоа што некој сакал да не направи дрво без корен, народ без минато и традиција, држава без историја. Можам уште долго да пишувам за каква иднина работам јас и каква ја гледам иднината на мојата татковина, но тоа е битката на мојата генерација да ве порази вас платениците и остатоците од транзицијата за да може да и се раздени на мојата Македонија, за да биде повторно достоинствена, завршува Мицкоски.