Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите истакна дека одлуката на Советот на Европа за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија е уште еден аргумент дека треба да се укине техничката влада бидејќи земјава, според него, е „зрела демократија“. Премиерот му порача на СДСМ дека тоа треба да ги убеди бидејќи, како што рече, тој нема што повеќе да направи за опозицијата, зашто не може наместо нив да победи на избори.
СДСМ е против укинување на техничката влада бидејќи нема доверба во оваа Влада која, според нив, ги злоупотребува институциите во изборен процес.
– Не треба јас да ги убедувам (СДСМ). Ќе ви кажам две работи. Прво, ги убеди Стразбур вчера со укинување на постмониторингот. Јас не треба да ги убедувам. Еве ако не му веруваат на Христијан, нека читаат што пишува во извештајот. И второ, дури и тоа да е така, еве на следните избори повторно нека има техничка влада. Еве, ако имаме редовни избори во 2028 година, јас ќе дадам оставка во јануари 2028 година. Не е тоа проблем. Само да им удоволиме на следните избори да има техничка влада. Па тие нека повелат, нека се организираат, нека победат и потоа на тие некои следни избори нема да има техничка влада. Сега што повеќе да направиме ние за опозицијата, еве објаснете ми. Јас стварно не знам што да направам повеќе. Сега, јас не можам место нив да победувам на избори, рече Мицкоски по промоцијата на програмските приоритети на програмата „Еразмус+“ за 2026 година.




