Секој од нас пред Нова година пишувал честитки или писмо до своите најблиски, до своите херои. Во пресрет на годината на промените пишувам честитка и писмо до Вас, мои сограѓани, бидејќи Вие сте моите херои, се вели во новогодишното обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме новогодишното обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:
Издржавте многу, не само оваа година, 30-тина години Вие со својата сила и умешност ги крепите и семејствата и државата. Вие сте силата на Македонија.
Неспособноста на власта е поразителна, проблемите се големи, а моралот е погазен. Криминалот и корупцијата разјадуваат. Премногу е! Никогаш не било полошо. Вие мои сограѓани заслужувате подобро.
Имајќи полна почит и доверба во Вас, јас Ве замолувам за доверба, за заедно да ги надминеме овие тешки времиња. Време е, светлината да ја победи темнината, да се вратат надежта, моралот и насмевките.
Верувам во вас. Природно е да имаме по некоја разлика, но сите имаме иста цел, и таа не обединува, а тоа е обновена Македонија. Имаме сила за големи успеси и квалитет во 2024 година да создадеме иднина во која секој ќе се чувствува подобро. Ќе има повисок стандард, ќе има ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси.
Добрите дела, вербата во луѓето и во Бога, и стремежот за промени ни даваат мотив и сила. И знам дека ќе успееме!
2024 година ќе биде годината на промените.
И да, не чека многу работа, но и голема победа за секој еден од вас!
Прославете ги празниците во љубов, пријатно опкружување и добро расположение. Сетете се на сите кои ги сакате и замислете убави желби за секого кого го познавате. Ви гарантирам дека следуваат поубави времиња!
Мои сограѓани, Ви посакувам добро здравје и подобар живот, многу убави моменти Вам и Вашите блиски, многу среќа, радост и насмевки.
Од се срце Ви посакувам промени и иднина.
Среќна, весела и успешна 2024 година!