Во вечерашната емисија на Алфа Телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што кажа дека докторирл на вештачка интелегенција а практичниот дел го работел во Германија.

„Кога денеска зборуваат за вештачка интелегенција, еве да речеме, јас можам да се пофалам дека докторирав на тој проблем. Тоа е вештачка интелегенција, имате генетски алгоритми, фази логика и невронски мрежи еден од тие три алгоритми јас го употребив во мојата докторска теза. Тоа е фази логиката, оптимирав, да речеме, траекторија на манипулационен робот, експерименталниот дел го завршив на Универзитетот на Ил Мена во Сојузна Република Германија. Така што и тогаш тоа беше прилично актуелно, но и денеска тоа е актуелно“ истакна Мицкоски.

Зборувајќи за своето семејство, тој истакна дека неговиот дедо Стојмир Мицкоски бил активен во црквата и дека има напишано и библија за деца.

„Тоа е пишувано веднаш по распадот на поранешната држава. Тој имаше таков еден ракопис би рекол навистина фантастичен… Живеевме во едно семејство, во еден стан во центарот на градот на булевар „Маркс и Енгелс“. Мајка ми и татко ми во една соба, во другата соба беа чичко ми Томе, братучетка ми Радмила и за жал покојната стрина Анкица. Тоа беше еден убав, би рекол семеен живот многу луѓе на мало место. Мајка ми тогаш беше студент на Медицински факултет, студираше, татко ми работеше во МЗТ и практично детството и оние први прошетки, тука низ Градскиот парк до Градскиот стадион, до сегашната влада до Луна паркот и слично беа со дедо ми Стојан. Практично тој ме описмени, тој ме научи првите букви да ги пишувам, првите равенки по математика, да ги собирам бројките, да ги одземам…. И навистина имаше еден прекрасен ракопис, би рекол красноспис. И сето тоа беше напишано на лист, нормално потоа пречукано, обработено компјутерски и како семејство го финансиравме тоа издание на таа Библија за деца, мислам дека и до ден денес во Соборниот храм во центарот на градот може да се најде“ нагласи Мицкоски.

Мицкоски се присети и на ученичките денови:

„Роден сум во скопската населба Центар, Булеварот Маркс и Енгелс тоа е веднаш спроти Поштата, во Градски ѕид, тука започнуваме во овој стан потоа моите родители одлучуваат да се преселат во Аеродром, оние црвени три згради близу училиштето Едвељ Кардељ. Тука учам до трето одделение веќе во четврто одделение ме запишуваат тука во Лазо Трповски во скопската населба Карпош 3 општина Карпош бидејќи од Аеродром се преселивме во Карпош. Се сеќавам, наутро со автобусот 15-ка до Рекорд, потоа со „8“ стигнувавме до Лазо Трповски. Убави времиња беа, навистина беше симпатично. Средно во истата населба само во Природно математичката гимназија тогаш Никола Карев, тоа беше исто така една прекрасна генерација“ истакна Мицкоски.

Тој додаде дека го сака спортот, дека оди на Водно два до три пати во неделата, исто толку и во вежбална, а навива за клубот Работнички.

„Два до три пати неделно сум на Водно, а два до три пати сум во вежбална и еден ден правам пауза. Да, ја сум сериозно „исфрустриран“ пропаднат спортист, се шалам, бев сериозен баскетџија во маало, дури имав и обиди да тренирам во Работнички, кај сега веќе покојниот тренер „Цефка“. И во еден второлигашки, локален, маалски клуб така се организиравме ние баскетџиите, па игравме бидејќи немаше кој да игра во тој клуб. Меѓу нив, интересно е, играше со нас заедно, постар беше од нас, Томи Стефановски, нашиот маратонски пливач, ние Флегма го викавме, тој беше исклучително добар баскетџија во маало. Во тоа време растевме со Тони Кукуч мене ми беше тој идол. Потоа дојде НБА. Сепак Работнички за мене е клубот за кој што навивам„ нагласи Мицкоски.