Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во рамките на својата посета на Брисел оствари средба со Претседателот на Европската Народна Партија Жозеф Дол, информираат од партијата.
На средбата се дискутирало за актуелната политичка состојба, предизвиците со кои државата се соочува и взаемната соработка со Европската народна партија.
Мицкоски ја истакнал загриженоста за состојбите со корупцијата и криминалот во државата.
-Светските организации Македонија на препознаваат како произведувач на корупција која е заштитена од државата. Тоа го говори и последниот извештај на Транспаренси Интернешнл кој државава ја сместува на дното во Европа.
Според Мицкоски, тука е и тешката економска состојба, речиси најмалиот БДП во Европа со најмалиот економски раст во Европа. Со вакви стандарди наметнати од власта европската перспектива е загрозена, додал Мицкоски.
Тој посочил дека сето ова како и упорното бегање од предвремени парламентарни избори кои би гарантирале заштитно механизми отвора сомнеж дека власта сака да организира фалсификат на претседателските избори.
„Ние побаравме од европските партнери, организирањето на фер и демократски избори да се постави како предуслов за напредок на европската агенда и добивање на позитивна оценка“, рекол Мицкоски.
Мицкоски и Дол ја истакнале заедничката заложба за продолжување на продлабочената соработка на ВМРО ДПМНЕ со Европската народна партија како и искористување на расположливите потенцијали.
-Македонија мора да оди напред, но мора и да постави принципи и вредности, враќање на довербата во системот, напуштањето на политичките притисоци, како и безусловно владеење на правото и правната држава, истакнал Мицкоски.