Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во „За или против“ на Алфа истакна дека без членство во Европската Унија и заштитен идентитет, нема да има уставни измени и потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати диктати по ниту една цена.
– Едно е јасно денеска. Помина година цела, во парламентот нема 80 пратеници кои ќе го прифатат бугарскиот диктат. Тоа значи дека сега Македонија е заглавена во патот кон полноправно членство кон ЕУ, нешто што одамна овој народ и држава заслужија, одамна заслужија преговори, рече Мицкоски.
Мицкоски појасни дека ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија не прифаќа диктати, но свесна за процесите и иднината на Македонија, народот во оваа држава нуди континуирани решенија кои не го задираат идентитетот и не се понижувачки.
– Такви беа и оние две решенија кои се надоврзаа на претходно кажаниот хрватски модел на преамбула во Устав, а коишто за жал од владата на ДУИ и СДС со помалите политички партии кои глумат опозиционери и лажни популисти го нападнаа ВМРО-ДПМНЕ дека го променил ставот, што не е точно. Велиме „да“ во име на процесот, но со одложено дејство и тоа му беше кажано на Ковачевски и бев јасен на прес конференцијата. Што подразбира одложено дејство, тоа значи дека ги почнуваме преговорите, ги завршуваме, Македонија станува дел од ЕУ, тогаш може дел од бугарскиот народ да биде дел од Уставот, нагласи Мицкоски.
Тој појасни ако е Македонија членка на ЕУ, тогаш, да за отворен Устав, но не е членка на ЕУ тогаш нема да го отвораме Уставот и бугарски диктати нема да се прифатат, не само сега, ниту пак во иднина.
– Вториот концепт како решение, беше избори оваа есен, сите да излеземе со програма платформа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката, а поразениот да не поддржи околу концептот за национално единство. Тоа подразбира еден столб, да обезбедиме гаранции за нашиот многувековен македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик од европските институции. Да обезбедиме за граѓаните социоекономски пакет да се подготват и третиот да го повратиме чувството на нашето македонско национално единство и да ја внесеме доверба кај Македонците во Бугарија со тоа што Бугарија ќе имплементира барем три од пресудите од Судот во Стразбур изјави Мицкоски.