Дури и притиснат со политички притисоци од власта претседателот Стево Пендаровски кажа дека поддржува повторно судење за настаните од 27 април, ако има нови докази, вели лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, уште еднаш изразувајќи задоволство од вчерашната средба во Вила Водно. Сепак, вели било дволично од Пендаровски што едно зборувал на средбата, а друго пред камерите. Мицкоски потенцираше дека за време на средбата се согласиле за се, но вели очигледен е притисокот кон шефот на државата, кој доаѓал од повеќе страни.
-Дури и ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку има нови докази треба овој случај, како и многу други случаи во минатото да започне од самиот почеток. Па, еве да ја почекаме конечно пресудата од второстепениот суд, од Апелација, да ја добијат осудените лица и нивните бранители и потоа да можат да го користат вонредниот правен лек, односно инструментот вонреден правен лек и да ги презентираат новите докази пред третостепениот суд, изјави Мицкоски.
Покрај Пендаровски кој кажа дека поддржува нов судски процес, ако има нови докази, како и Мицкоски кој кажа дека мора да има преквалификација на делото, дека во Собрание немало тероризам согласен е и Али Ахмети. Потенцира дека надлежните органи треба да ја разрешат оваа ситуација, која според него е прилично комплицирана.
-Овие настани се болни. Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам и каква квалификација е „тероризам“, изјави Ахмети.