Морам да кажам дека сме исклучително задоволни од тоа што се случува во одредени маркети, не во сите, бидејќи во некои за жал имаме и шпекулативно однесување. Но, таму каде што се намалени цените, се намалени со оваа таканаречената есенска кошничка некаде и повеќе од 10 проценти. Посебно тоа се однесува на производите кои се од житарици, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од мерката намалување на маржата на прехранбените производи.
Мицкоски истакна дека и мерката намалување на маржата на училишниот прибор каде дел од производите се намалиле од 25 проценти влијаела врз животниот стандард на граѓаните.
Исто така би сакал да кажам дека и со мерката за намалување на училишниот прибор дел од производите се намалија до 25 проценти, некаде и до 30. Тоа е голема заштеда за граѓаните која што исто така влијае за стандардот, рече тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека инфлацијата во месец август е 2,2 проценти, како и дека ќе продолжат да работат посветено и одговорно во интерес на граѓаните и на подобрување на животниот стандард.
Ќе ми дозволите да кажам дека стапката на инфлација е во месец август 2,2 проценти. Пред една година стапката на инфлација беше повеќе 20 проценти, тоа беше директен удар врз стандардот на граѓаните. Значи сега имаме ниски цени, инфлација која што е најдобра во регионот и една од најдобра во Европа и уште повеќе ќе правиме, ќе носиме мерки и политики за да ја намалиме уште повеќе инфлацијата. Се сеќавате претходната влада кажуваше дека инфлацијата е увезена, иако таа во тој момент беше два пати повисока од инфлацијата во Европската унија, посочи Мицкоски и додаде:
Продолжиме да работиме, посветено, одговорно и чесно. Нас граѓаните не плаќаат и мораме да го слушаме гласот на народот, затоа што нема друга алтернатива.