Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на телевизија Алфа, го повика Димитар Ковачевски ако верува дека францускиот предлог е добар за државата и иднината на граѓаните, тогаш кога ќе се врати од Брисел да прифати предвремени парламентарни избори, за кои што рече тоа ќе бидат референдумски избори каде што граѓаните ќе одлучат, а не избори за власт.
Ако верува Димитар Ковачевски дека ова е добар предлог, ако си го сака својата држава и народ нека дојде од Брисел и нека им каже: ” Луѓе јас ќе седнам со опозицијата ќе договорам предвремени избори во октомври или ноември, јас ќе ја бранам тезата ова е добар предлог за иднината, опозицијата ќе напаѓа, но народот нека одлучи, референдумски” . Тоа не се избори за власт, тоа се референдумски избори, вели Мицкоски.
Оваа преговарачка рамка која нас ни се нуди и која што е дел од овој предлог, не е почеток на преговорите и тоа треба да им е јасно на граѓаните. Ова е почеток на преговорите за Албанија, која што нема вакви хегемонистички и идентитетски услови кои што треба да ги исполни, туку веднаш седнува, се усвојува рамката и почнува да отвора поглавја. Ние не можеме да отвораме поглавја со овој предлог бидејќи треба дополнителни услови да исполниме, додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, францускиот предлог е прифатен од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски и токму затоа истиот не го отфрла, укажувајќи дека Ковачевски не е свесен за сериозноста и штетата која ја нанесува на Македонија.
И сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на комисија и сите останати. Зар вие очекувате да рече не, и да го одбие, праша Мицкоски.
Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи му вика не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе. И он си вели, да ќе бидам уште година, или година и половина премиер, па макар и да ја уништам Македонија и македонскиот идентитет. Па, он вели потоа ќе бидам најмалку пратеник, така зборува по новинари. Значи станува збор за личност која што не е свесна за сериозноста на ова што се случува, рече Мицкоски.