Грев ли е борбата повторно да освоиме простор кој минатата влада го предаде со штетните договори, изјави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Анализа“ на ТВ24 при што потенцираше дека темата со придавката е затворена.
Мицкоски истакна дека нема промена во неговите ставови, но промена и лицемерие има кај поранешниот премиер кој пееше Северна цело време, да го гледаме денеска како зборува Македонија.
Ни ветуваа дека ќе бидеме членки на ЕУ, претходно сменивме знаме, менувавме Устав, сменивме име, се продаде лажна кампања за бесплатно здравство кое полошо не било никогаш, супер образование, а полошо не било никогаш. Наместо да добијам поддршка дека некој пркоси, дека не ги понижува граѓаните со придавката, јас сум предмет на напад, од Грција затоа што при колоквијална употреба користам Македонија, а од овие во опозиција кои распродадоа се што можеше да се распродаде, сум се заколнал со придавката, затоа што тие распродадоа се во името на ЕУ, потенцираше Мицкоски.
Во однос на критиките, Мицкоки посочи дека или погрешно го разбираат Преспанскиот договор или погрешно го читаат.
– Подготвен сум и за тоа да спорам и аргументирам. Нека се навикнат на политичари кои нема да ги гледаат клекнати на колена кои ќе молат и го уништуваат достоинството. Ниту ќе бидам преагресивен да преименувам автопати, аеродроми, споменици да градам, но ќе ме гледате како сечам ленти, како правам реформи. Не го кршиме договорот, според членот 1 став 3 и тој се повикува на членот 7 став 2 и 3, за жал договорот е потпишан каков што е потпишан и не подразбира дека при колоквијална употреба и секојдневен живот треба да се кажува придавката, изјави Мицкоски.