Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски остварија средба со премиерот на Република Унгарија и претседател на ФИДЕШ, Виктор Орбан. На средбата се разговараше за актуелни теми и прашања, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Една од темите била справувањето со Ковид кризата која преставува заеднички предизвик на државите од Европа, при што Мицкоски ја потенцирал потребата од поддршка и отворена соработка со оглед на фактот што Македонија е една од земјите која досега има најголеми последици од оваа пандемија.

Исто така на средбата било отворено прашањето за мигрантскиот бран и состојбата на јужната македонска граница, при што Мицкоски ја отсликал состојбата со авганистанските бегалци во Македонија. Соговорниците размениле мислење и ја потенцирале важноста за поддршка на заеднички иницијативи како што е Иднината на Европа, кои ќе овозможат перспектива и нови можности.

Од страна на Мицкоски било посочено дека Македонија во изминатите години Владата има исклучително слаб учинок во справувањето со корупцијата и подобрувањето на економскиот амбиент во државата, што е евидентирано и посочувано од страна на нашите меѓународни партнери. Тоа пред се се должи на немањето на капацитет и волја од страна на власта, но било посочено дека Македонија и македонскиот народ заслужуваат отворање на процесот на преговори, затоа што реформските политички сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ многу скоро ќе имаат можност да спроведат брзи и итни чекори за приближување до европските стандарди.

Мицкоски посочил дека државата мора да има целосно дефинирани цели и дека граѓаните заслужуваат иднина базирана на промени, реформи и нови успеси.

Соговорници ја истакнале одличната соработка на двете партии и се заложиле поддршката да продолжи да се развива и унапредува.