Чекаме да видиме каде ќе се потрошат оние 5 милиони евра за кои што како ВМРО-ДПМНЕ зборувавме. Сведоци сме каде отидоа оние милион евра за изнајмување на патнички моторни возила. Тоа е процес кој што отвара еден голем сомнеж повторно за криминал и корупција, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање како го коментира одржувањето на Самитот на ОБСЕ во Скопје.

Мицкоски потенцираше дека наместо Самитот на ОБСЕ да е убав настан на кој што ќе бидат присутни светски државници, власта поради својата неспособност и желба да го корумпира го претворила како што рече тој во естрада.

Но како и да е, и тоа што требаше да биде еден добар настан, убав настан на кој што ќе бидат присутни светски државници, тие за жал позади својата неспособност и желба да се корумпираат и се криминализирани од поодамна го претворија во навистина естрада, рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека уште многу кратко време ќе има такви неспособни луѓе кои се дел од македонската влада.

Жалам што имаме работа со ваков тип на неспособни луѓе кои што се дел од македонската влада, кажа тој.

Мицкоски зборуваше и за намалување на данокот на профит.

Со намалување на данокот на профит целта ни е преку Министерството за надворешни работи и Секторот за надворешна трговија кој ќе биде од Министерството за економија дополнет во МНР кое ќе прерасне во министерство за надворешни работи и надворешна трговија ќе врши промоција на Македонија ширум Европа и светот како држава со најниски даноци на профит, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Македонски Брод која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.

Цениме, додаде Мицкоски, дека голем дел од светските компании своите профитни центри ќе ги донесат токму тука во Македонија, а со тоа ќе биде збогатено и портфолиото на Македонија во делот и на банкарскиот сектор.

“Она кое планираме да го направиме е за секоја компанија за секој профитен центар кој во Македонија ќе пријави профит до 20 милиони евра, данокот да биде ист 10 проценти, а доколку се реинвестира тој профит тогаш данокот ќе биде нула проценти“, рече Мицкоски.

Мицкоски информираше и колку ќе биде данокот ќе зависи од висината на пријавениот профит во Македонија.

„На пример за пријавен профит тука во Македонија преку профитниот центар во висина од 20 до 30 милиони евра профит, данокот ќе биде 8 проценти, од 30 до 50 милиони евра шест проценти, над 50 милиони евра ќе биде 5 проценти. Цениме дека Македонија ќе биде атрактивна дестинација голем број мултинационални светски компании своите профитни центри да ги донесат тука во Македонија и токму тука да го продолжат бизнисот“, кажа Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека ако компаниите го реинвестираат профитот тука, тогаш данокот за таква реинвестирана добивка, за тој реинвестиран профит да биде нула проценти.