Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од вечерашниот митинг одржан во општина Велес, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври, истакнувајќи дека лицемерието на СДСМ кулминирало со вчерашниот говор на Венко Филипче во Струмица, каде тој зборувал за морал, владеење на правото и етика во политиката, во присуство на неговиот гуру-Заев.
„Потрошивме часови, денови, да изработиме програма. Се консултиравме со народот, побаравме да работат експерти, и го планиравме секој денар кој ќе го употребиме во решенија и проекти. Наместо тоа од другата страна не видовме програма, туку клевети, заговори за личности, подземни игри. Никаде не излегоа со програма, туку голи ветувања за среќа, живот и црвени линии кои, всушност, не се линии, туку поклон за Бугарија. Кулминацијата ја достигнаа вчера кога Венко од Струмица, во присуство на наговиот гуру доживеавме да говори за морал и етика во политиката. И додека тоа го зборува, луѓето се чудат и просто со неверување го слушаат човекот чијшто гуру беше во првите редови како зборува за чесност, за владеење на право, како зборува за морал и етика во политиката“, вели Мицкоски.
Мицкоски изјави дека однесувањето на СДСМ и Венко Филипче ја покажува нивната потценетост кон народот и додаде дека вистинскиот ефект од нивното однесување ќе се види на претстојните локални избори, кога народот ќе го каже своето мислење за нивните непроменети лаги.
„Имаме едно прашање до него: дали е свесен што зборува, каде се наоѓа и што мисли народот за овие негови изјави? Народот господине Венко Филипче ниту има намера да те мрази, ниту да те презира, но со оглед што си направил против народот и државата, без ронка срам излегуваш пред него и се правиш како ништо да не било, народот може едноставно само да се чуди — до каде си дотерал и како е можно ваков феномен да постои: човек кој го потценува својот народ, продавајќи се како некое ново лице, додека сите го знаат. И му се чудат. Вистинскиот ефект на нивното однесување ќе го видат на изборите на 19-ти, а дотогаш може само да уживаат во нашата песна од кампањата. За да не се мачат многу да размислуваат, ги упатуваме на последните анкети според кои ВМРО-ДПМНЕ во кампањата не само што има пораст, туку последните анкети во крајот на втората недела од првиот круг кампања достигнуваат однос 4:1, а овде во Велес и повеќе“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака за масовна излезеност на 19 октомври и поддршка за кандидатот за градоначалник, Марко Колев, за развој на општина Велес.
„Вистинскиот избор за Велес е Марко Колев. Човек кој покажа и докажа како се сака и како се бори за својот град, Марко се бори за секој еден проект, човек кој сум убеден дека следните 4 години ќе ја продолжи ренесансата која се случува во Велес овие 4 години. Направете го вистинскиот избор на 19 октомври заокружете го бројот 9“, заклучи Мицкоски.