„Ветивме победа, имаме победа! Триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности“.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.
-Избра луѓе што веруваат во работа, а не во зборови. Но оваа убедлива победа не е крајот, ова е само почеток на новата македонска енергија – мирна, одлучна и праведна. Во овие недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице. Без навреди, без гнев, без омраза, со достоинство. Со поглед право во очи. Со дела наместо со празни ветувања. Граѓаните го препознаа тоа, не заради нас туку заради себе. Поради своите семејства, својата иднина, поради Македонија, порача Мицкоски.
Мицкоски посочи дека секој човек што излезе и гласаше за продолжување на промените, гласаше за вистината дека може подобро, дека чесноста вреди, дека трудот носи резултати.
-Тоа е наша обврска и довербата не е награда, тоа е задача што почнува утре наутро, со секој нов ден, со секое училиште, фабрика, болница што ќе ја направиме. Со секој нов човек кој верува дека овде има смисла да се живее и да се сонува. Оваа победа ја градевме чекор по чекор. Не со ветувања туку со работа, не со спектакли туку со упорност. И затоа таа победа не е само наша, таа е на сите што веруваат дека државата мора да се движи напред, дека општините мора да растат, дека иднината не треба да се чека туку да се создава, рече Мицкоски.
Патот, вели тој, не е лесен, но Македонија има сила, има и луѓе има и волја.
– И кога тие три нешта ќе се соединат нема сила која може да ја сопре татковината. Затоа вечерва не славиме, туку ветуваме дека ќе работиме, дека ќе работиме уште повеќе дека секој глас ќе го претвориме во дело, секоја надеж во резултат. Победата нема да ја мериме со бројки, туку со дела. Вистинската победа ќе биде кога секој ќе каже да, вредеше, истакна Мицкоски.
Тој вели дека претстојат уште две недели на одлука во кои треба да се заокружи започнатата промена.
-Ова не е време за опуштање, туку за последниот напор бидејќи секој глас кој ќе сотавене дома е подарок за тие кои ја уништуваа Македонија, а секој глас кој ќе излезе е чекор кон иднината што ја содаваме заедно, истакна во обраќањето Мицкоски.