Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција повторно побара заминување на актуелната Влада и оставка од премиерот Зоран Заев.

Тој посочи на низа неуспешни, според опозициската партија, проекти на власта во изминатите четири години, почнувајќи од недобиениот датум за преговори со ЕУ, во економијата, енергетиката, здравството…

-Основна цел на функционирање на опозиција е да бара предвремени парламентарни избори, ако верува а ние веруваме заедно со народот дека оваа Влада лошо ги менаџира работите во Македонија и лошо ја води Македонија така што прашањето дали треба да биде е кога, а ние бараме секојдневно оставка од оваа Влада и создавање на услови за предвремени парламентарни избори час поскоро, рече Мицкоски.

Тој побара од секој еден од граѓаните да се вклучи во оваа борба на опозицијата, без разлика на нивната етничка припадност.

ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, секојднево работи на постигнување на мнозинство од 61 пратеник за да се постигне распушатање на оваа Влада.

-Правно треба 61 пратеник да крене два прста во Парламентот и на тој начин да се распушти оваа Влада и да се закажат евентуално нови предвремени парламентарни избори. На друг начин, за жал, не можеме. На методологијата како да дојдеме до 61 пратеник, секојдневно работиме на тоа. Кога ќе имаме мнозинство од 61 пратеник, ќе ја информираме благовремено македонската јавност, рече Мицкоски.

Како што рече, не сака да открива детали бидејќи се уште се работи на ново парламентарно мнозинство, во кое, тврди, е опфатена и пратеничката група на СДСМ.

Коментирајќи ја изјавата на лидерот на Беса, Билал Касами дека за локалните избори нема да коалицираат само со ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на опозициската партија рече дека тој тоа повеќе го доживеал како навреда кон неговите (Касами) политички конкуренти затоа што смета дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини, како на пример во Тетово каде што Касами ќе се кандидирал, а Фадил Зендели во Гостивар, е толку голема што не му е потребна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас му посакувам среќа и успех во неговата намера и една порака во политиката такви изјави даваат луѓе кои што или не ја разбираат политиката или политиката им е повеќе како хоби, рече Мицкоски.

Во однос на изградбата на клинички центар и денешниот коментар на министерот за здравство Венко Филипче кој користел израз „баби и жаби“, Мицкоски рече дека во однос на тоа се согласува со него.

-Во право е, споредбата е „баби и жаби“, односно разликата е околу 400 милиони евра, толку е поевтин клиничкиот центар во соседна Србија од клиничкиот центар којшто тој и Зоран Заев планираат да го украдат на македонските граѓани, рече лидерот на опозицијата кој покажа документ за кој тврди дека е физибилити студија од 30 страни за изградбата на новиот клинички центар, посочувајќи дека е параван да се украде пола милијарда од граѓаните. Додека е тој претседател на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, нема да го дозволи тој проект.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за предложените измени на Законот за јавни набавки, повтори дека денеска упатил покана за дуел до премиерот Зоран Заев и побара од него, доколку прифати, да одбере датум и место.

Претседателот на опозициската партија обвини дека четири години граѓаните имаат украден живот, посочувајќи на низа неуспешни проекти на власта во изминатите години, почнувајќи од евроинтеграцискиот процес и недобивање на датум за преговори,

За тврдењата дека градоначалникот на општина Петровец кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ местел тендери за неговиот брат, Мицкоски побара документи за да ги проследи, како што кажа, до обвинителството.

-Не. Имате докази за ова? Ако може да ми ги дадете и јас јавно ќе ги процесуирам до обвинителството, и обвинителството да постапи веднаш, без разлика дали е тоа градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ, од кој било друг. Ве молам да ги доставите, да не остане ова само на прес-конференција, побара Мицкоски од новинарката што го постави прашањето.

Претседателот на опозициската партија најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави свои амандани за Законот за државјанство. Тие ги разгледале амандманите на АА и Алтернатива, но повтори дека иако Заев најавил не ги информирал за договореното.