2023та година ќе биде година на инфраструктурен бум, ова го најавија голем број на градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата „Промени на дело“.
Преку свои кратки видео обраќања порачаа дека продолжуваат со интензивна и напорна работа се до конечно реализирање на програмата со која настапија на локалните избори.
И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски најави реализација на голем број капитални проекти кои значително ќе го подобрат животот на граѓаните ширум државата и ќе обезбедат подобра иднина за сите, нагласувајќи дека ваквата политика на промени и градење ќе ја пресликаат и на централно ниво се до преземање на власта.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски најави реализација на дури 65 нови проекти, носење на нов Генерален урбанистички план, изградба на нов парк во нова Битола, како и изградба на стационар за бездомни животни во вредност од 56 милиони денари.
-Добивме многу идеи од Вас, како на пример идеите од бизнис секторот за подобрување на инфраструктурата во поранешната индустриска зона, каде што подготвивме проектна документација за реконструкција на улицата Индустриска во должина од 2,4 километри. На иницијатива на професорката Весна Христовска поддржана од повеќе наставници и професори воведовме наградување на талентирани и надарени ученици преку објава на јавен повик. На барање на претставниците на урбани и месни заедници подготвивме документација за реконструкција на улицата „Зборска“ „Драгорска“ и други улици. Битола следната година започнува со дигитализација на услугите. Продолжува со изработка на нов Генерален урбанистички план, а интензивно работиме на изградбата на новиот парк во нова Битола, проект вреден 29 милиони денари, стационарот за бездомни животни вреден 56 милиони денари, како и инфраструктурно подобрување на влезот во Битола од страна на Прилеп, и изградба на велосипедски патеки. Со буџетот и оваа година креиран заедно со вас почитувани граѓани продолжуваме да реализираме 65 нови проекти за битолчани. Да го вратиме и подржиме културното живеење, одлика на Битола. Битола ја даде довербата и таа доверба ја исполнуваме со промени на дело, истакна Коњановски.
Мицкоски пак за Битола најави изградба на нова противпожарна зграда во вредност од 1 милион евра.
Битола се менува. Битола ги живее промените. Оваа година во Битола ќе започне изградба на целосно нова противпожарна зграда, проект вреден околу 1 милион евра. Пари од буџетот за оваа година. Со буџетот кои што заедно го планираа битолчани ќе се реализираат голем број на проекти, ќе се одговори на голем број на барања, ќе се задоволат многу потреби. Но, тука нема да се застане кон креирање на подобра Битола. „Промените на дело“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мега инвестиции во општина Велес во вредност од 200 милиони денари, а ќе се изгради и нов зелен пазар од 80 милиони денари најави лидерот Мицкоски, додека пак велешкиот градоначалник Марко Колев рече дека за оваа година се планирани изградба на кејот на реката Вардар како и инвестирање и подобрување на патната инфраструктура.
-Ќе го изградиме кејот на реката Вардар, ќе направиме целосна реконструкција на уличното осветлување и ќе инвестираме сериозни финансиски средства во подобрување на патната инфраструктура, водовод и канализација. Вложуваме над 200 милиони денари во капитални инвестиции за 2023 година. Се бориме заедно за Велес, секој ден. Ќе направиме уште многу за иднината каква секој од вас ја заслужува. За промените кои ги чувствувате одговорно и посветено. Промените на дело, потенцираше Колев.
-Помина тешка година зад нас, но и година во која Општина Велес инвестираше 100 милиони денари за инфраструктурен развој и решавање на нови проблеми. Оваа година се продолжува со зголемен интензитет. Чесно и најважно посветено ќе се инвестираат нови 197 милиони денари за капитални проекти, рече Мицкоски.
За Гевгелија, Мицкоски најави изградба на Западниот Булевар, проекти во вредност од 85 милиони денари, додека градоначалникот Андон Сарамандов, рече дека во буџетот кој е креиран заедно со граѓаните ќе се инвестира и во доизградба на детската градинка Сончогледи, а ќе се реконструираат и младинските домови и паркови.
-Годинава заедно го креиравме буџетот, а со него бараме начин за исполнување на најголемото барање на младите гевгеличани, градски паркови со урбана опрема. Годинава започнуваме и со изградба на Западен булевар во Гевгелија, доизградба на градинката „Сончогледи“ за што ќе бидат издвоени 11 милиони денари од буџетот на општина Гевгелија, а 24 милиони денари се планирани за реконструкција на Младинските домови во Моин и во Богородица, буџет и за нов пазар во Миравци. Во тек на реализација е и стационарот за бездомните животни и верувајте тука нема да застанеме, рече Сарамандов.
-Со задоволство присуствував на отворањето на Младинскиот дом. Оваа година верувам дека посветено ќе го исполни дадениот збор, а тоа е почеток на изградба на Западниот булевар. огромен капитален проект чии што две фази чинат 85 милиони денари. И тука знам дека нема да застане бидејќи Гевгелија заслужува, граѓаните мора да се чувствуваат достоинствени и горди на својот град. Тоа ја враќа вербата дека може и мора поинаку, дека зборот во Македонија вреди и дека со чесност и посветеност ништо не може да ги спречи Промените на дело, изјави Мицкоски.
Капитални инвестиции од 100 милиони денари во општина Кочани, додека пак 47 милиони денари во Општина Охрид за изградба на плоштадот Крушевска Република, како и реконструкција на улицата Гоце Делчев, проект тежок 36 милиони денари.
Оваа година продолжува офанзивата во реализацијата во капиталните проекти. Конечно ќе започне да се гради улица број 7 на Пониква и конечно се опреми планинарскиот дом на Пониква. Ова ќе биде инвестиција вредна 10,5 милиони денари, кој е значаен проект за вас. Ова се промените на дело“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Комплетно да ја менуваме атмосферската канализација, да изградиме велосипедска патека, паркинзи, нови тротоари како што доликува за Охрид. Проекти од заеднички интерес за сите. Би ги издвоил целосната реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, и реконструкцијата на плоштадот „Чинар“. Раководењето на Охрид не е само инфраструктурата во градот и околните населени места, како улици и цевководи, што го сметам за редовна активност туку и бара особено внимание за природата и културата, како нацрт закон за Студенчишко блато, подготовка за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата, дислокација на депонијата во Буково, изградба на прочистителни станици во селото Трпејца, Љубаништа и Горно и Долно Лакочереј, изјави Пецаков.
Радовишкиот градоначалник Ацо Ристов во кампањата „Промени на дело“ рече дека Радовиш ги живее промените и согласно барањата на граѓаните суштински се започнува.
Годинава ќе изградиме 5 фотоволтаични централи на пет јавни објекти, со вредност на проектот од 37 милиони денари. Ќе изградиме диспензиран систем за греење од обновливи извори на енергија вреден преку 56 милиони денари. Новиот обиколен пат вреден 10 милиони денари конечно ќе ја реши обиколницата околу Радовиш. Осум милиони денари изреализиравме за новите речни корита на река Оравиочка и Радовишка река“, рече Ристов.
За оваа општина, претседателот Мицкоски најави изградба на зелен пазар со катна гаража кој ќе тежи дури 124 милиони денари.
„Заедно со Ацо за Радовиш ветивме сериозни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во општината и немаме намера да застанеме. Радовиш годинава ќе започне изградба на градски пазар со катна гаража, капитален проект вреден 124 милиони денари. Мора да размислуваме 20-30 години во иднината, стратешките прашања за развој на општината се решаваат со визија, а не со дневна политика“, нагласи Мицкоски.
Понатаму, градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев потенцираше дека само во 2022та година се реализира дури 90 проценти од предвиденото, укажувајќи дека со истото темпо се продолжува и во 2023та, односно како што рече Свети Николе ќе доживее инфраструктурен бум.
2023 година ќе биде година на инфраструктурен бум во Свети Николе. Ќе реализираме и асфалтираме улици, канализации во вредност од 20 милиони денари и ќе изгради нова балон-сала во СОУ Кочо Рацин во вредност од 9 милиони денари, кажа тој.
А претседателот Мицкоски најави изградба на нов парк со памтрак, справи за развивање на моторички вештини, како и ново детско катче, со комплетно осветлување и уредување со модерна урбана опрема во вредност од 7,5 милиони денари.
Свети Николе е пример како со чесно, домаќинско и посветено работење, можеме да направиме многу. Дејан реализираше над 90 процени од програмата за 2022та година, а во 2023та година Свети Николе ќе добие нов парк со памтрак, справи за развивање на моторички вештини и ново детско катче, со комплетно осветлување и уредување со модерна урбана опрема во вредност од 7,5 милиони денари. Продолжуваме заедно да градиме модерни и европски општини. И продолжуваме да создаваме иднина за сите граѓани, кажа Мицкоски.
И скопските градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата Промени на дело најавија градежна експанзија за 2023та година и реализација на многу проекти во интерес на скопјани.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода рече дека се дава приоритет на граѓаните и на нивните проблеми, нагласувајќи дека предвидена е реализација на 120 проекти.
Жителите на Припор побараа асфалтирање на 7 улици и ова исто така ќе биде реализирано во наредната година. Оваа година ќе направиме и многу други проекти. Целосна реконструкција на мостот Киро Фетак во Драчево, реконструкција на патната инфраструктура во 11 Октомври бараки. Реконструкција на улици и во другите населени места, но и уште една нова, трета по ред градинка во Кисела Вода во Расадник, како и уште над 120 нови проекти за наредната година во нашата општина, вели Ѓорѓиевски.
Бобан Стефковски од Гази Баба и претседателот Мицкоски изјавија дека ќе се инвестираат повеќе од 150 милиони денари, а ќе се изгради и нова детска градинка во Трубарево и нова училишна сала во Булачани.
Во годината што следува за капитални инвестиции во вашата општина ќе се инвестираат повеќе од 150 милиони денари. Општина Гази Баба по многу години застој ќе добие нова детска градинка во Трубарево, и нова училишна сала во Булачани, како и многу други проекти. Многу граѓани ќе видат како на дело и со силна посветеност ќе се решат многу проблеми. Заедно, сложно и одговорно, затоа што нашиот збор е наша обврска. За заедничка иднина, промените на дело“, истакна Мицкоски.
За во Ѓорче Петров, Бутел и Аеродром, Мицкоски заедно со градоначалниците Александар Стојкоски, Дарко Костовски и Тимчо Муцунски информираше дека во новите буџети за 2023та година ќе се реализираат значајни проекти за граѓаните од тие општини, преку изградба на нов и прв регионален центар за рехабилитација на деца кои се избориле со карцином во Ѓорче Петров, изградба на нови трим патеки во Бутел, па се до две нови детски градинки во Аеродром кои ќе го решат проблемот со листата за чекање на деца во градинките.
Вкупно за сите три општини предвидено е реализација на капитални инвестиции од над 720 милиони денари.
Претседателот Мицкоски заедно со градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ветуваат општините да доживеат градежна експанзија, а како што рече и самиот тој во неговите обраќања преку одговорно, чесно, транспарентно и домаќинско работење ќе градат модерни и европски општини, порачувајќи дека ваквото работење, создавање на подобра иднина и нова надеж ќе се отслика и на централно ниво со преземање на власта.