Македонија како членка на НАТО и стратешки партнер на САД останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување понатамошна ескалација – порачал премиерот Христијан Мицкоски во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан.
Во текот на разговорот, како што информира премиерот преку „Фејсбук“, тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
– Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност – истакнал Мицкоски.
Во разговорот, додава тој, ја нагласил и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани што се наоѓаат во регионот.
– Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно. Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста – истакна Мицкоски.
Фото: архива




