Вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ на Сител телевизија истакна дека тврдењето на власта дека сами на себе си ставаме вето е глупост и лудост.

„Тоа е лудост и глупост, затоа што тој кој што го прифатил овој договор без да се консултира со главната политичка опција во државата и со народот си ставил самиот на себе вето. Бидејќи сега не може тоа да го испорача“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека триото Пендаровски – Ковачевски – Османи си ставија вето сами на себе бидејќи не можат да испорачаат тоа што потпишаа.

„Кога тие го прифатиле ова без да направат поширока консултација, тогаш тие направиле клучна политичка грешка, затоа што прифатиле нешто што не можат да исполнат“, нагласи Мицкоски.

„Ако не прашаа ќе им кажевме дека ние ова нема да го поддржиме , па ќе чекавме нов предлог. Немаше тогаш да влегуваат во ваква авантура и да го држат општеството и јавноста во Македонија под тортура и притисок на една тема“, појасни тој.

Што се однесува до Законот за амнестија, тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија кој власта го пушти по скратена постапка.

– Не гледам што е европска вредност да амнестирате криминалци кои се осудени за перење пари, за насилство, да амнестирате луѓе кои помагале во најгрозоморниот чин во последната историја на Македонија, а тоа е убиството кај Смилковското езеро.  Ако се случи да дојде тој закон со европско знаме ќе излеземе надвор од Парламентот и ќе побарам поддршка и од Извршниот и Централниот комитет да застанат позади оваа одлука, истакна Мицкоски.

Во однос на изјавата на Ковачевски дека власта ќе интервенирала со амандмани, Мицкоски прашува како може владата да интервенира со амандмани, а тие го правеле овој закон.

– Тој закон дошол на владина седница и требале да ги усогласат тие работи таму, зошто тогаш не ги усогласиле?  Кога станува збор за овие луѓе се случувало да нема европско знаме, па да ги повлечат и да го стават со европско знаме, да почекаме да видиме, рече Мицкоски.

– Рековме дека ќе го блокираме со сите можности кои ги нуди Деловникот во Парламентот.  Нашиот став и мојот личен став е јасен и ако дојде до злоупотреба на европското знаме ќе побарам одлука од Извршен и Централен комитет да го напуштиме парламентот, а ако дојде во нормална процедура тогаш ќе го блокираме, изјави Мицкоски.