Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Република Македонија е меѓу оние земји членки на НАТО кои веќе ги надминуваат стандардите за буџетски издвојувања за одбраната, со повеќе од 2,5 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).

-Македонија одамна има буџет за одбраната кој е над 2 проценти. Со проектите за модернизација на Армијата и инфраструктурните проекти, овие трошоци ќе растат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта.

Тој додаде дека новите насоки од најголемата земја членка на НАТО не се за зголемување на лимитот на 5 проценти, туку за поставување на 2 проценти како минимум.

-Ние сме одамна над тие 2 проценти. За жал, голем дел од земјите членки на НАТО се сè уште под тие два проценти, нагласи премиерот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска е во еднодневна посета на Скопје, каде покрај со премиерот Христијан Мицкоски ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Целта на неговата регионална посета е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата. Кошта веќе ги посети Белград и Сараево.

Фото: МИА архива