Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, го кажа своето мислење за Стево Пендаровски.
-Па не така одамна кажавме во Македонија мора да се порази заевизмот, кажувам, заборавам, негирам. Се додека постои заевизмот во Република Македонија оваа држава не може да иде напред, односно ќе се движи во погрешна насока. Јас сум убеден во граѓаните на Република Македонија, тоа се храбри, честити луѓе коишто на 21 април ќе му го зададат првиот посериозен удар на заевизмот во Република Македонија, а потоа веќе на следните предвремени парламентарни избори и конечниот удар ќе му биде зададен на заевизмот. Пендаровски претставува лик на заевизмот, не очекувавме нешто поразлично да се случи, тоа е таа традиционална матрица која ја пустошеше Република Македонија изминативе 27-28 години, рече тој.
Инаку, тој денеска го посети градскиот пазар во Охрид и разговараше со пазарџиите.
-Ја видовте реалната слика денеска на пазарот овде, полупразни тезги, полупразен пазар, бидејќи сега нема купувачи, луѓето се жалат, пазарџиите се жалат разочарани од односот на оваа криминална непотистичка и насилничка влада предводена од деспотот Заев. Прометот им е паднат. Практично сето она коешто ние изминативе речиси две години откако владата на СДСМ и Заев е на власт, ние апелираме не само што не дојде живот туку навистина пекол донесоа. Реалноста можете и вие да ја видите денеска на пазарот овдека во Охрид, порача Мицкоски по средбата.
Подоцна, на ФБ Мицкоски напиша:
„Остварив посета на пазарот во Охрид, се сретнав со честити и добри луѓе.
Чичко Насте вели одвај вадиме за една скромна плата. Пазарџиите се незадоволни и воедно силно против новите законски измени со кој се предвидува зголемени трошоци за нив, а кои наместо да бидат целосно повлечени тие се ставени само во мирување.
И тоа не е единствениот проблем, тие се жалат поради општата беспарица. Зголемените даноци оставаат се повеќе луѓе со помалку пари.
Нема ниту 500 евра плата, ниту подобар живот. Животот кој го ветуваа доживува фијаско, а секојдневието се преѕвара во гола борба за опстанок. Кога пазарџиите се незадоволни, значи дека имаме незадоволен народ. Затоа мора да се сменат работите и мора граѓаните да добијат повеќе.
Помина времето на лажни ветувања. Силата е во народот и првиот тест каде тие ќе кажат што мислат се претседателските избори“-напиша Мицкоски.